Поради новонастанатата ситуација а во пресрет на Велигденските празници мислењето на народот околу одењето по домовите од страна на свештениците од храмот „Св. Великомаченик Георгиј“ од Кочани поради традиционалниот водосвет е поделено.

Едни реагираат дека треба да не се во оваа состојба посетуваат  домовите бидејќи не се знае кој со светиот крст и со свештеното лице има контакти, за сметка на други кои инсистираат дека сакаат да бидат посетени без разлика на ситуацијата во која сите се наоѓаме.

За таа цел денес од свештениците од храмот „Св. Великомаченик Георгиј“ од Кочани добивме известување кое Ви го пренесуваме во целост.

„Поради целокупната ситуација во врска со корона вирусот и реакциите на верниците и граѓаните, ние свештениците при храмот „Св. Вмч. Георгиј“ – Кочани чувствуваме потреба да излеземе со став во врска со традицијата на осветување на водата по домовите. Имено, поради страв од ширење и пренесување на вирусот многумина од граѓаните и верниците негодуваат за посетувањето на домовите од страна на свештениците. Стравот е нормална човечка појава, а во овој случај е сосема оправдан и ние како свештенство сме тотално свесни за целата ситуација, секако дека и ние ги следиме и извршуваме препораките дадени од Министерството во врска со оваа појава. Од друга страна секојдневно ни се јавуваат верници кои во овој период имаат потреба од утеха и засилена молитва и не повикуваат да одиме во нивните домови, ни велат дека сега кога е тешко треба свештенството да е со народот, за што се во право. Ние во оваа ситуација сме во средина и не можеме да им угодиме на сите верници. Затоа одлучивме, заради ситуацијата овој пат ќе го изоставиме традиционалниот начин на водосвет, а доколку некој сака во домот да му биде извршен чинот на водосвет нека нè контактира. Исто така апелираме до сите верници да не паѓаат во маловерие, нека ги засилат своите молитви, нека не очајуваат, нека го поминат времето со своите семејства за кои поради динамиката на живото имаме се помалку време. По Божјото човекољубие и овој тежок период на искушение за време на Великиот пост ќе биде надминат“.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари