Опозициската група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти 39. седница на Советот на Општина Кочани поради, како што беше речено, несоодветна медиумска покриеност на неговото работење.

Во образложението што го даде Лазо Митев, координатор на советничката група беше нагласена потребата од присуство на медиумите на седниците на Советот, како и на работењето на комисииите во негов состав, за да се исполнат заложбите за транспарентност и отчетност.

„Медиумите веќе не ги снимаат и емитуваат седниците на Советот затоа што за таа работа бараат финансиски надомест, а со членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, донесен на централно ниво, оневозможено е плаќање на локалните медиуми. На тој начин се врши двојно замолчување на советниците, како од централно, така и од локално ниво, затоа што ниту локалната самоуправа не ги снима седниците иако, со проект од УНДП е набавена опрема“ истакна Митев.

Според него, и во наредниот период, доколку не се најде ефикасен начин за снимање и емитување на работењето на Советот преку телевизиите, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе доаѓа на седниците, но нема активно да учествува.

Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев изрази жалење за одлуката на опозициската советничка група да ја напушти седницата, при што рече дека во наредниот период ќе се организира работна средба за да се најде можно решение на состојбата.

6

Според Илијев законските одредби се пречка да се плаќаат локалните медиуми, но дека Општина Кочани пласира информации на дневна основа, како преку дневниот билтен кој е објавен на веб-страницата на Општината, така и преку електронска пошта до локални, регионални и национални медиуми, граѓани, институции и здруженија. – Лична определба на медиумите е што од тие содржини ќе преземат и ќе објават. Согласно Статутот се снимаат седниците на Советот, а информациите се пренесуваат и преку социјалните мрежи“ изјави Илијев.

Во врска со транспарентоста на Општината, членот на Советот Благој Ситновски ги истакна различните аршини на опозицијата и побара од неа да одговори, зошто во претходниот мандат, на една од локалните телевизии не ѝ беше одобрено барањето без надомест да врши директен пренос од седниците на Советот.

Во отсуство на опозицијата, но со конструктивна дискусија, Советот ги усвои сите 28 точки, меѓу кои беа извештаите за програмите за животна средина, јавно осветлување, култура, спорт, за поддршка во образованието, за работењето на комуналните редари, за уредување на градежното земјиште и др., а градоначалникот Илијев одговараше и на советнички прашања.

Седница на Советот ја снимаше и во живо на својот фејсбук-профил ја пренесуваше локално Радио Кочани ФМ, за што Општина Кочани упатува благодарност за покажаната поддршка во транспарентноста.

18

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари