Членовите на Општинскиот кризен штаб ја предложија, а претставниците на излагачите на тезги на Градскиот пазар во Кочани ја прифатија одлуката в четврток, на 28 мај, тезгите по улицата „Гоце Делчев“ да бидат поставени само на тротоарот покрај

Кочанска Река, на потегот од зградата на ЕВН до Џамијата. За да се организира безбеден пазар, тезгите ќе бидат поставени на растојание од 2 метра, а нивната максимална должина ќе биде 4 м.

Со ваквата одлука на Кризниот штаб се согласија и претставниците на продавачите, кои минатиот четврток изразија несогласување со претходниот предлог за реорганизирање на Градскиот пазар.

„Се договоривме тезги да се постават само од едната страна на улицата „Гоце Делчев“, сите тезгаџии ќе имаат исти тезги и мислам дека така ќе има место за сите. Доколку нема простор, на лице место ќе се договараме“ изјави по седницата Неџат Идиќ, кој присуствуваше на седницата на Штабот.

Кризниот штаб констатираше дека во овој момент нема активно заболено лице од коронавирус, состојба што радува, меѓутоа и состојба којашто обврзува сите мерки и препораки издадени од надлежните органи да се почитуваат максимално, со цел да превенира ширењето на коронавирусот.

„Донесовме заклучок од кој очекуваме сите да бидат задоволни и со кој пред сѐ ќе организираме пазар кој ќе биде безбеден и на кој ќе се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, како за продавачите, така и за купувачите. При донесувањето на оваа одлука се повикавме и на Одлуката на Советот на Општина Кочани во 2008 година за поставување тезги и на улицата „Гоце Делчев“, која во овој момент ќе се применува делумно, само на тротоарот откај реката, при што меѓу тезгите е потребно да се одржува пропишаното растојание“ соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

КЈП „Водовод“ има задача да ги обележи сите места каде што можат да бидат поставени тезги.

На новинарско прашањето за подогорочно функционирање на Градскиот пазар, градоначалникот Илијев одговори:

„Организирањето на пазарот како што беше досега не ги задоволуваше основните потреби и услови и со реорганизирањето се обидуваме да наметнеме нов модел што ќе овозможи и функционирање на луѓето што имаат потреба од излагање на своите производи и безбеден пристап на купувачите, но и безбедно движење на граѓаните што живеат на таа улица. Ќе пробаме со ова да воспоставиме пофункционален начин, сѐ до моментот додека не се најде трајно решение за дислоцирање на пазарот од овој дел на градот којшто сметам дека е и единствено целосно и конечно решение за овој проблем“ рече Илијев.

На Општинскиот кризен штаб беше заклучено да продолжи да се одржува пунктот за дезинфекција на возилата на влезот во градот, при што надлежните сообраќајни служби да вршат зачестени контроли на овој дел од градот. Во наредниот период ќе се продолжи со дезинфекција на јавните површини, местата за одлагање на отпад и на другите фреквентни површини, со цел да се спречат можностите за ширење на коронавирусот. Општинскиот кризен штаб препорача сите граѓани совесно и одговорно да се однесуваат и максимално да ги применуваат мерките и препораките за заштита од заразата.

P1620866

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари