Поттикнат од проблемите со кои единицата на локалната самоуправа секојдневно се соочува, а со цел да се зголемат можностите за подобрување на состојбите во сите сфери од живеењето, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев одржа средба со претставници на ромските невладини организации од Кочани.

Илијев информираше за реализираните проекти и соопшти дека се обезбедени средства за реконструкција на улицата „Стамен Манов“ до Фабриката за вода, со изградба на водовод и канализација, инфраструктурни активности што ќе почнат набргу. Во подготовка е јавна набавка за изградба на живеалишта за лицата од Старата касарна, на локација во Ромското Маало каде ќе се гради и патна и комунална инфраструктура.

Според градоначалникот Илијев, досега се вложени повеќе од 200 илјади евра за улици, потпорни ѕидови, канализациска и водоводна мрежа во овој дел од градот.

Претставници на граѓанските здруженија се интересираа за текот на активностите во делот на урбанизмот.

„На Деталниот урбанистички план за Градска четврт 5, каде припаѓа и Ромското Маало се работи близу една година и постапката е сложена, затоа што постојат легализирани објекти кои тешко можат се вклопат во него. Многу од нив се градени на сред улица или пак го немаат потребното растојание со постојните објекти. Во наредниот период ќе следуваат повторна јавна презентација и јавна анкета, што ќе се организира според уредбите на Владата за време на криза, за што граѓаните уредно ќе бидат известени“ најави Марија Салтирова Јовановска од Секторот за урбанизам во Општина Кочани.

На средбата беше истакната потребата од јакнење на јавната свест кај населението во однесувањето кон отпадот и намалувањето на дивите депонии, како и за поодговорно и совесно однесување кон јавното добро и урбаната опрема во градот. Притоа беше нагласена клучната улога на граѓанските здруженија за едукацијата на населението.

„Се срамиме од постапките на некои наши сограѓани и задоволни сме што во последните три години за подобрување на животот на ромската заедница е вложено повеќе отколку во минатите три децении“ рече Аки Акиов, заблагодарувајќи се за напорите на градоначалникот Илијев за реализација на значајни проекти за ромската заедница во Кочани.

Мануела Саидова од невладината „Светла иднина“ ја пренесе забелешката од жители на Ромското Маало кои реагирале дека на еден од новоизградените краци на улицата „Стамен Манов“ не живеело ромско население, на што одговорните во Општината повикаа да нема поделби на жителите по никаква основа, бидејќи инфраструктурата е за сите граѓани, без оглед на нивната етничка или верска припадност.

На средбата беше истакнато дека останува определбата на Општина Кочани рамномерно да се подига квалитетот на живеењето, а проблемите навремено да се решаваат.

PIC_4249

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари