Здружението на новинарите на Македонија најостро ги осудува онлајн нападите и заканите по безбедноста на новинарката на Слободен печат, Мирослава Бурнс.

Бурнс во текот на вчерашниот ден добила низа закани на својот личен профил на Фејсбук, поради објавување на текст за свадба која се одржала во Тетово, укажувајќи дека тоа е спротивно на законската регулатива која се однесува на борбата против епидемијата со Ковид-19.

Бараме од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство итно да превземат дејствија за откривање на лицата кои стојат зад профилите кои се заканиле на новинарката и да ги изведат пред лицето на правдата. Објавувањето на вакви и слични престапи од јавни собири преку кои може да се загрози јавното здравје е од јавен интерес и новинарите во никој случај не треба да добиваат закани по својот живот поради откривање и обелоденување на ваквите групни собири.

Овој напад уште повеќе ја истакнува потребата од законски измени во Кривичниот законик, каде во соработка со ССНМ веќе подолго време бараме измени со кои нападите врз новинарите и медиумските работници треба да бидат третирани како напад врз службено лице. Ова значи дека со ваквите измени на законот институциите ќе бидат обврзани по службена должност да преземаат мерки и дејствија за расчистување на нападите врз новинарите.

Од новата влада, како и од новиот парламентарен состав ќе продолжиме да бараме итно да се пристапи кон измени и дополни на Кривичниот законик со кој ќе се гарантира поголема заштита на новинарите и медиумските работници. Новинарската професија е клучна за функционирањето на секоја демократска држава и затоа сметаме дека е крајно време законски да се заштитат професионалните новинари како едни од клучните столбови за штитење на јавниот интерес.

ЗНМ

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари