По повод големиот Македонски празник „Илинден“ тричлена експедиција на планинари од Кочани со приклучување на еден до двајца и од другите планинарски клубови ќе ја започнат мисијата наречена „Освојување на Арарат“ еден од најголемите предизвици за сите планинари.

Арарат кој се наоѓа во Турција на границата со Иран и Ерменија и со својата височина од 5.137 метри навистина претставува голем предизвик.

„Ова лето ни се укажува можност да учествуваме со 3 наши членови во меѓународна планинарска акција во искачување на највисокиот врв на Турција, еден од најмаркантните врвови во светот, врвот Арарат со висина од 5.137 мнв. Овој врв се наоѓа во Турција на границата со Иран и Ерменија и навистина претставува голем предизвик за секој планинар. Планината може да се искачува само со издадена дозвола и во придружба на ополномоштен водич од Турција што укажува на тоа дека искачувањето на овој врв е ретко и специфично. Планираното време за оваа акција е од 02.08.2020 г. до 09.08.2020 г. До сега, од нашиот град и пошироко никој сеуште го нема искачено овој врв и токму заради тоа и нашето планирано искачување го прави уште повредно како еден вид успех за нашиот град во рамките на овој спорт“ ни соопшти Тошо Антов – Претседател на ПСД „Осогово“ од Кочани.

Кочанските планинари како да се предодредени на своите сограѓани да им приредуваат убави мигови токму за Илинден.

Далечната 1980 година тројца членови на тогашното ПСД „Пониква“ од Кочани Димитар Цеков – Ѕекара, Симеон Тодоров – Моцо и Никола Христов – Мице, го освоија највисокиот врв во Европа Мон Блан (4.808 метри).

2015 година Мирче Ефремов, Анче Трифунов, Стојан Марков и Гоце Серафимов, членови на ПСД „Осогово“ од Кочани се искачија и го освоија највисокиот врв на Јулиските Алпи „Триглав“ (2.864 метри).

Добро би било кога и овој Илинден ќе биде крунисан со освојување на еден голем врв од страна на кочанските планинари.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари