Изградбата на мини електрана на Мала Река во близина на кочанската вештачка акумулација Гратче и нејзиното можно влијание врз животната средина го разбранува Советот на Оптштина Кочани, кој денеска како итна ја разгледуваше оваа точка на 41. редовна седница и побара преиспитување на постапката.

Советникот Сашко Стефановски, врз основа на добиените материјали предупреди на последиците од изградбата на мала хидроелектрична централа на Мала Река.

„Зошто Општина Кочани дала позитивно мислење за оваа градба, еден ден пред распишувањето на Локалните избори во 2017? Зошто не била вклучена јавноста пред да се даде позитивно мислење? Овој потег значи помор на растителниот и животинскиот свет. Со 11 литри вода во секунда како биолошки минимум, за 20 години ќе го снема и езерото Гратче. Дали ова не е контрадикторно со прогласувањето на Осогово за заштитено подрачје?! Во прашање е негрижа за животната средина на тие што дале вакво мислење. Примери за опустошен жив свет по изградбата на мала хидроелектрана има многу“ алармираше Стефановски.

Членовите на опозициската советничка група прашуваа како може при вонредна состојба, од март до мај оваа година, за кратко време да бидат издадени мислења и решенија од Министерството за животна средина, Управата за заштита на културно наследство и од други институции, вклучително да се направи и пренамена на земјиштето од шумско во градежно од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, сложена процедура која обично трае долго.

313

Валентина Андонова, советник од партијата ДОМ истакна дека малите хидроцентрали прават повеќе штета на животната средина во однос на придобивките од производство на електрична енергија и побара да се најде начин постапката за изградба да запре.

„Дали може да се надмине безизлезната ситуација? Да разговараме сериозно, без политички оптоварувања. Сите дадени мислења да ги преиспитаме. Да одлучиме во интерес на граѓаните“ побара членот на Советот Благој Ситновски.

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Лазо Митев побара Советот да ја стопира постапката, потсетувајќи и на можноста за граѓански референдум. „Имавме примери на донесени одлуки кои се преиспитуваа. Апелирам до сите релевантни фактори, да се запре изградбата“ повика Митев.

„За животната средина не ни треба политика. Ме радува дискусијата сега, но зошто таа е изоставена во 2017 г.? За жал, оваа информација ја добив однадвор и не можев да поверувам во тоа што го слушнав! Проверив во Министерството за животна средина и ми беше потврдено. Од Министерството барав информации и за евентуалните негативни влијанија. Упатив барање до пет институции за стопирање на постапката, кое од неодамна е објавено на системот. Тоа што можеме да го направиме со Советот е да изградиме заеднички концепт. Свесни сме дека вакво прашање не треба биде оставено без дискусии и анализи“ повика градоначалникот Илијев.

Советот го усвои предлогот на советникот Ѓорѓи Алексов, да се преиспита предметот и низ средби и разговори со релевантните чинители да одлучат за понатамошниот тек на работите.

Постапката за изградба на мала хидроелектрична централа на Мала Река е во напредна фаза, пред издавање градежна дозвола, документ што треба да го даде Општина Кочани.

Општина Кочани

312

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари