Со цел во време на пандемија да ги поттикне децата и младите на читање, размислување и анализа на прочитаното, ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани почнува со реализација на интерактивни програмски активности со своите читатели.

„Ги повикуваме нашите читатели, децата и младите, да ја посетат Библиотеката „Искра“, која работи според насоките и мерките за заштита, која во овој временски период на работење го збогати својот библиотечен фонд со најнови изданија и може да им понуди литература за деца и млади од различен жанр. Новината е тоа што отворивме повик за учество на младите читатели во програмската содржина „Најубава мисла и порака од мојата омилена книга“, на која може да учествуваат со доставување на омилениот дел од содржината – порака и мисла од својата омилена книга“ известуваат од Библиотеката „Искра“.

Учесниците во оваа програма ќе имаат можност да бидат дел од едукативна работилница на тема „Информациска писменост“.

Најмладите сограѓани, од претшколска возраст, кои читаат заедно со своите родители, можат да учествуваат во програмата „Мојата прва книга“, илустрирајќи цртеж и изработувајќи насловна корица од својата омилена книга и сликовница.

Повикот е отворен од 5 до 25 август 2020 г.

Содржините со кои децата и младите ќе учествуваат на повикот можат да ги испратат преку порака (месинџер) на фејсбук-страницата на библиотеката: Iskra Biblioteka Iskra или на библиотечната е-адреса bibliotekaiskra@yahoo.com.

Координаторка на проектот е Магдалена Кочовска-Салтирова.

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари