Се одиграа натпреварите од второто коло во Втора Фудбалска Лига – Исток. Три победи забележаа домаќините а на два натпревари немаше победник. Според информациите освен натпреварот во Прилеп на сите останати средби се водела изедначена игра во која резултатот бил неизвесен до последните свирежи на судиите.

Во Пехчево домаќинот „Кит Го“ и „Осогово“ одиграа ефикасен натпревар со доста пресврти а бодовите беа поделени. Домаќините поведоа во 4’ со голот на Димовски а во 30 преку Мишковски го зголемија водството. Во судиското надополнување беше досуден пенал за кочанчани кој го изведе Велинов. Домашниот голман го одбрани ударот од белата точка но топката повторно дојде до Велинов кој стрелаше прецизно и со резултат 2:1 за пехчевци се замина на одмор. Во второто полувреме домаќините со голот на Алексовски од пенал во 54’ повторно поведоа со два гола разлика. Сепак жетварите не потклекнаа туку продолжија да напаѓаат и во еден фуриозен финиш најпрвин преку Манов во82’ го намалија водството на „Кит Го“ а во 86’ со голот на Иванов дојдоа до израмнување.

Во Виница по две децении се врати второлигашкиот фудбал. Во локалното дерби „Слога 1934“ потешко од очекувањата ја совлада мошне добрата екипа на „Каменица Саса“ со 2:1 (2:0). Виничани поведоа од првиот корнер уште во 2’. По центрираната топка Иванов ја исфрли од опасната зона но на неа натрча непокриениот Иванов и со прекрасен удар ја затресе мрежата на „рударите“. Потоа гостите пропуштија три чисти прилики за гол, но благодарение на одличниот домашен голман Јовановски резултатот остана непроменет се до втората минута на продолжението.  Тогаш по едена нафрлена топка од скратен корнер Пановски со глава и го смени правецот и со сигурни 2:0 за домаќините се замина на одмор. Во второто полувреме гостите го намалија на резултатот на 2:1 од пенал. Интересно е што во една мешаница пред домашниот голман играта продолжи а четвртиот судија го повика главниот Иванов и му сугерираше дека некој домашен играч играл со рака по што беше покажан удар од белата точка. По ова се создаде тензична атмосфера во која беа поделени неколку жолти картони. Пеналот сигурно го изведе Божинов. До крајот повеќе невроза на теренот отколку игра но до промена на резултатот не дојде па домаќините сепак заслужено стигнаа до првите три бода.

Во Неготино „Тиквеш“ и „Кожув“ одиграа тензичен натпревар во кој немаше победник, а „Победа“ доста убедливо го совлада дебитантот во лигата „Росоман“. Вчера „Брегалница“ славеше како домаќин против „Плачковица“.

Резултати од 2-рото коло:

„Кит Го“ – „Осогово“  3:3

„Слога 1934“ – „Каменица Саса“  2:1

„Брегалница“ – „Плачковица“  3:1

„Тиквеш“ – „Кожуф“  1:1

„Победа“ – „Росоман“  3:0

Во следното 3-то коло „Осогово“ го пречекува „Тиквеш“.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари