ИНИЦИЈАТИВНИОТ ОДБОР ЗА ЗДРАВ ЖИВОТ ВО КОЧАНИ СО РЕАКЦИЈА ЗА ЕКО-АКЦИЈА, ПРОЛЕТНО ПОШУМУВАЊЕ

март 23, 2022
1 минути

Иницијативниот одбор за здрав живот во Кочани реагира за начинот на кој Општина Кочани вчера реализираше еко-акција за пролетно пошумување на локалитетот Рамни Ниви кај селото Бели, при што ги обвинуваат надлежните дека ја злоупотребиле улогата на локалната самоуправа за промовирање на приватна компанија.

Од граѓанското здружение на прес-конфренција го искажаа револтот што наместо за одбележување на Денот на пролетта и промоција на здравата животна средина, настанот бил искористен за туѓи интереси, а Општината е само покритие за тоа полесно да помине во јавноста.

-Реагираме затоа што беа злоупотребени граѓаните кои учествуваа на акцијата за пошумување, но и Општината, како граѓански имот и градоначалникот, за кого излегува дека ние го плаќаме за компаниска реклама. Не сме против активностите за пошумување, како што се обидуваат да нè обвинат, но не ја гледаме целта да се пошумува со донација вредна илјада евра од компанија која го загадува воздухот со испуштање штетни честички и јаглероден моноксид. Со тоа тивко се уништува здравјето на луѓето и се губат човечки животи, а се прави реклама на приватна компанија која едноставно го убива градот. Дополнително ни пречи е што беа злоупотребени малолетни лица, ученици од училиштата, а знаеме дека на само педесетина метри од фабриката што се рекламира е СОУ „Гошо Викентиев“, истакна Горан Лефков од Иницијативниот одбор за здрав живот во Кочани.

Еко-активистите информираа дека за вклучувањето на малолетници и нивната злоупотреба се интересирале и од детската амбасада „Меѓаши“, од каде дополнително ќе го испитаат случајот.

ИЗВОР:  ТВ  Канал 8 – Кочани