Честитајќи му го роденденот на еден од најуспешните кошаркари од Кочани Јорданчо Давитков не ја испуштив шансата да поразговараме за спортот, односно кошарката. Тоа ми го вети уште додека беше дома, во Кочани кон крајот на месец Јули.

„Иако имав подобри понуди од екипи од Катар, Бахреин, Саудиска Арабија и Тунис, сепак се решив да останам во Дубаи. Секогаш парите не се приоритетот за мене, напротив мене ме привлекува Дубаи, се навикнав на овој живот минатите години и мислам дека одлуката да останам овде е најдоброто што го направив во овој преоден рок. Дубаи за мене е најубавиот град на светот, град кој живее цели 24 часа, а јас навистина тоа го сакам“ беше првото нешто што го дознавме од Давитков.

За новиот клуб има само пофални зборови.

„Сега сум во „Ал Шабаб“, клуб чии младинци минатата година беа шампиони, додека сениорите беа во горниот дел на табелата. Желбата на газдите се поклопи со моите планови, па многу бргу најдовме заеднички јазик. Планот е да продолжам да работам со младите и да направиме екипа која во подолг период ќе игра значајна улога во првенствата. Сите сме задоволни од договорот, јас, менаџерите, сопствениците на клубот и играчите“.

Околу далечината од неговото место на живеење.

„Ал Шабаб“ е од градот-емират Шарза кој всушност е споен со Дубаи. До салата каде што сега ја тренирам екипата стигнувам за 15-20 минути со автомобил, што и не е далеку ако се земе големината на Дубаи“.

Знаејќи какво име изгради Јорданчо Давитков на овие простори не се сомневаме дека за кратко време ќе дојдат и посакуваните резултати. Оставајќи го Џорданко (така го знаат сите) да си го прослави роденденот онака како што доликува, закажавме нов разговор на крајот на полусезоната. А дотогаш нека ужива во убавините на Дубаи и нека ја направи екипата која според него има блескава перспектива.

С. Ивановски

2

3

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари