Се одиграа натпреварите од 12-тото коло во Втора Фудбалска Лига – Исток. Четири победи извојуваа домашните екипи а единствено натпреварот помеѓу „Победа“ и „Каменица Саса“ заврши без победник.

„Осогово“ имаше тешко гостување кај еден од претендентите за највисок пласман, но „жетварите“ осоколени од победата против „Кит Го“ минатото коло без бело знаме отпатуваа за Неготино каде денес „Тиквеш“ беше домаќин. Во првото полувреме се водеше доста интересна битка на секоја педа од теренот, додека во второто полувреме беа досудени два пенали за домаќините со што екипата од Кочани остана со „кратки ракави“. „Тиквеш“ поведе во 26’ со голот на Јорданчо Наумовски, а само три минути подоцна „Осогово“ израмни со голот на Тоше Манов. „Жетварите“ можеа да заминат со гол предност во соблекувалната но Тоше Манов иако беше во т.н. зицер не погоди  па со резултат 1:1 се замина на одмор. Во вториот дел кочанчани се бореа со сите сили непоразени да се вратат дома, но како што не информираат судиите стапиле на сцена па домаќините добиле два пенали и дошле до победата. Најпрвин во 71’ прецизно стрелаше Темелков а во самиот финиш од средбата и Мишов.

Во Виница „Слога 1934“ со сигурна и ефикасна игра ја совлада „Плачковица“ со 3:0 (1:0). Резултатот го отвори Пановски во 24’ а истиот играч зголеми на 2:0 во 52’. Третиот воедно и последен гол на натпреварот е дело на Бујчевски во 63’.

„Каменица Саса“ во ова коло е единствената гостинска екипа која се враќа дома непоразена. „Победа“ поведе уште во 5’, но со головите на Дуков во 15’ и Маркоски во 17’ „рударите“ го свртеа резултатот во своја полза и се така беше до 90’+ кога домаќините од пенал дојдоа до бод.

„Брегалница“ со 3:0 го совлада денес анемичниот „Кожуф“. Гевгеличани кои важат за една од подобрите екипи во лигата ништо не одигра во првото полувреме па Штипските сини со головите на Кудијан во 22’и 43’ и на Кудев во 45’ поведоа со 3:0 со кој резултат заврши и натпреварот.

„Кит Го“ се врати на победите. Денес со 3:0 славеа над „Росоман“ а головите се дела на Дујовски 12’, Мичковски 36’ и Ступиќ 69’.

„Брегалница“ е прва на табелата со 32 бода, а зад неа следуваат „Тиквеш“ 30, „Кожуф“ 18, „Слога 1934“ 16, „Кит Го“ 15, „Осогово“ 13, „Победа“ и „Каменица Саса“ 12, „Росоман“ 8, „Плачковица“ 6.

Во следното 13-то вонредно коло кое е на програмата во Среда, „Осогово“ ја пречекува „Брегалница“.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари