Во организација на ЈОУ Библиотека „Искра“ од Кочани, денес во просториите на библиотеката беа доделени признанијата за „Нај читатели“ во изминатата 2019 година.
Ова признанија традиционално секоја година се доделуваше во месец Април, односно за време на прославата на „Денот на книгата и авторското право“, но годинава поради состојбата наметната од Ковид – 19 оваа церемонија беше поместена за последниот месец во годината, во пресрет на празникот „Св. Климент Охридски“.
Признанието „Нај читателки на годината“ кај возрасните заслужено и беше доделено на д-р Јаворка Охомуш а додека во категоријата дечиња на сестрите Ана и Лина Мицовски, ученички во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ од населбата Оризари.
„Денес имаме чест и задоволство да ги им ги врачиме признанијата на најдобрите читатели за изминатата 2019 година. Го одбравме овој датум во чест на утрешниот празник Св. Климент Охридски. Најдобрите читатели ги одредуваме според однапред поставени критериуми, како што се бројот на прочитани книги и редовност при враќање на истите“, истакна Верица Паунова Дамеска, библиотекар во ЈОУБ „Искра“.
Наградената д-р Јаворка Охомуш по примената награда изјави: „Чест и задоволство ми е да ја примам оваа награда. Не бројам колку книги имам прочитано изминатава година, ама знам дека сега во ова време невреме, книгата ми е најверен пријател“.
Организаторите на најуспешните им врачија дипломи, комплет книги и цвеќе.
С. Ивановски
Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.