Советот на Општина Кочани ја одржа 49. редовна седница, која поради здравствената криза се реализираше од далечина. Членовите на Советот работеа по 51 точка.

Советот дискутираше и ги усвои програмите за комуникација; спорт; култура; за млади; за заштита на населението од заразни болести; за остварување на социјална, детска и здравствена заштита; за изработка на урбанистички планови и урбанистичко-планска документација; за одржување на локалните патишта и улици во зимски услови; Програмата за уредување на градежно земјиште; за управување со отпад; за информатичка и комуникациска технологија, за активностите во областа на локалниот економски развој…

Со измената и дополнувањето на одлуката за субвенционирање за набавка на печки на пелети и инвертер-клими, за близу 150 проценти е зголемена вкупната сума за поддршка на граѓаните коишто се определиле за „зелено“ загревање, а со усвојување на Програмата за капитални расходи, ќе биде овозможена набавка на систем за климатизација и озвучување на Мултикултурниот центар.

На седницата се расправаше и по Нацрт-буџетот на Општина Кочани за 2021 година.

Според образложението на стручните служби, основниот буџет за идната година е проектиран на 312 милиони денари. Зголемувањето се должи на обезбедени приходи од други извори и од продажба на градежно земјиште. Капиталните расходи се зголемени за 70 проценти во однос на тековната година, додека тековно оперативните остануваат на ниско ниво од 45 милиони и 905 илјади денари.

Следната седница Советот на Општина Кочани ќе ја одржи на крајот на тековната година, на која се очекува предлог-буџетот да биде усвоен.

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари