Проектот за третман на отпадни води – Кочани објави повик за поднесување понуди за набавка на работи за реконструкција и проширување на системот за собирање на отпадни води во Оризари и на дел од канализациската мрежа во Кочани.

Покрај реконструкција и проширување на канализацискиот систем во Оризари, набавката вклучува и изградба на една линија за атмосферска канализација за одводнување на водата од Кочански Дол.

Потребата за реконструкција на дел од канализацискиот систем во Оризари доаѓа поради големата инфилтрација на подземна вода во двата главни колектора од двете страни на Оризарска Река. Со Проектот за третман на отпадни води ќе се градат два нови колектора за канализација кои ќе ги заменат сегашните и ќе бидат конструирани паралелно со нив. Колекторот од десната страна на реката ќе биде долг 788,4 м и вклучува изградба на 20 шахти и  92 м габиони за заштита од ерозија. Колекторот од левата страна на реката е долг 998,18 м  со 25 шахти.

Новата линија на атмосферската канализација ќе се гради во стрмни делови и ќе ја вклучува и градбата за собирање на атмосферската вода од Кочански Дол и изградба на 12 армирано-бетонски шахти. Бидејќи постојниот отворен канал за атмосферска вода не е изграден до реципиентот Оризарска Река, армирано-бетонскиот канал ќе се продолжи за 67 м и ќе биде покриен.

Од левата страна на Кочанска Река ќе се гради нов цевковод за собирање отпадни води, паралелен со постојниот.

За да се забрза реконструкцијата на канализациските системи во Оризари и Кочани, тендерската документација и постапката за покана за доставување на понуда се спроведуваат во согласност со Упатствата за набавки на Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања – СЕКО.

Понудите треба да се достават до 13 јануари 2021 година до 10 ч. на адресата на КЈП „Водовод“. Според предвидената временска рамка, почетокот на работите се планира за февруари идната година.

Наскоро се очекува да биде распишан тендер и за реконструкција на канализациската мрежа во Тркање, со што сите фекални води ќе се поврзат со Пречистителната станица во Мојанци, ќе се решат спорните делници со несоодветна нивелација и ќе се спречи излевањето на фекалните води во Трканска Река.

Во буџетот за рехабилитација на канализациската мрежа што е донација од Швајцарската агенција за развој и соработка, Општина Кочани учествува со 10 проценти.

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари