Неколкучасовна расправа се водеше на денешната седница на Советот на Општина Кочани околу проблемите во образованието, поточно околу натрупаните долгови кои поради таа превработеност не се со години плаќани, па сега ќе треба да се плаќаат од Буџетот на општината, поточно од џебот на граѓаните.

Додека советниците од опозицијата во своите дискусии потенцираа дека речиси во сите училишта, односно во сите одделенија има вишок на наставници, кои држат настава и во паралелки од 12, 17, 21 ученик, поголемиот број од советниците од власта глумеа во дискусиите дека сега кога е започната веќе еден месец новата школска година не може да се растураат паралелките а некои наставници да се бркаат од работа.

Дека вакво нешто се очекуваше покажаа и доставените материјали за оваа седница кои наместо да се стават на масата во Советот на месец-два пред почетокот на школската година, тие им се ставаат сега, кога еден месец како тече новата школска година, за да бидат советниците ставени „до ѕид“ и да не можат да донесуваат адекватни одлуки.

Училиштата кон разни доверители имаа долгови поголеми од 9.000.000,00 денари кои заедно со каматите надминуваат една застрашувачка бројка, па доколку дојде до реализација на тие побарувања сметките на училиштата ќе бидат блокирани.

И сега, кој е виновникот за ваквата лоша состојба во образованието?

Како што истакна во својата дискусија советникот Горги Алексов виновници има повеќемина, најпрвин директорите на училиштата за лошото менаџирање, лошата координација со лицето во Локалната самоуправа задолжено за ресорот образование и на крај лошата координација со Градоначалникот како прв човек во општината.

На крај, сепак по неколкучасовно натегање беше донесена одлука долговите на училиштата да се платат од Буџетот на општината кој се полни од граѓаните и од никој друг.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари