Во рамките на 6-тото коло од Третата Фудбалска Лига – Исток денес на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани се одигра натпревар на екипите од дното на табелата, во кој „Осогово“ ја забележа првата победа на домашен терен во оваа сезона, совладувајќи ги „Баби“ со 4:1 (1:1).

Високата победа на домаќините не ја дава реалната слика за она што се случуваше на натпреварот бидејќи екипата на „Баби“ покажа добра игра но сепак не можеа да им се спротивстават на домаќините.

„Жетварите“ до победата дојдоа во последната третина од натпреварот но сепак благодарение и на денес несигурниот судија Дарко Тодоров од Свети Николе со неговите помошници Тоше Милев од Пробиштип и Наум Стоименовски од Свети Николе.

Но да појдеме по ред по она што фудбалот треба да го прави и игра и забава.

Се играше 3’ кога Паунов беше сосема сам пред противничкиот шеснаесетник кога на него налета голманот на „Баби“ Костов и го фаулираше. Судијата Тодоров досуди слободен удар за домаќините и кога сите на стадионот очекуваа црвен картон за Костов тој си се врати на голот и не доби никаква санкција. Стана јасно дека Тодоров нема да има свој ден и дека ќе влегува од грешка во грешка.

Домаќините поведоа во 11’, Паунов и Натков одиграа двојно додавање а Паунов кога остана сам со Костов го префрли но еден гостински играч ја извади топката од празниот гол, топката дојде до денес мошне добриот Ѓеоргиев кој со силен удар ја „закова“ под пречката.

Гостите израмнија во 38’ од речиси првата посериозна прилика за гол преку Андов кој по грубата грешка на некои домашни одбранбени играчи остана сам, биеше од прва и топката заврши во мрежата на Лазаров.

Во 60’ домаќините изведоа фаул од левата страна, гостинскиот голман Костов лошо го процени летот на топката, не стигна до неа а Цветанов со глава биеше во празната мрежа. На 3:1 зголеми Паунов во 85’ кога вешто избегна офсајд стапица, излезе сам пред Костов и по земја биеше во незаштитениот дел од мрежата. Точка на резултатот стави Аксентиев во 90’.

Судиската тројка направи серија грешки но среќа е што играчите не се изнервираа па одиграа еден фер и коректен натпревар.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари