Не помина повеќе од една седмица откако беше објавена веста дека Тендерираната фирма за вршење шинтерски услуги ВСЦ „Тодор Велков“ од Куманово во Кочани заловила 12 кучиња скитници, кога деновиве повторно врие од нив и тоа онаму каде што е најголемата фреквенција на луѓето, во и околу Градскиот Трговски Центар.

Не е воопшто јасно какви се тие заловувања, од парче или ….

Идната акција доколку биде спроведена ќе треба нормално да се заловат што поголем број на кучиња скитници, да се отстранат од улиците, да се вакцинираат а некои и кастрираат па повторно да се вратат онаму од каде се земени.

Но дали е ова решението?

Најдобро од се ќе биде и за кучињата скитници и за населението конечно градот да изгради едно прифатилиште. Да се поправат дел од уништените боксови кои веќе постојат, да си има вработен човек кој ќе ги храни, а општината мора да најде начин сето тоа да го финансира.

Кога веќе има пари за плаќање на превработените ќе мора да најде начин и за кучињата скитници и за вработеното лице.

Само така минувачите по улиците ќе бидат мирни, вака како што стојат работите колку и да не се опасни тие кучиња скитници самата нивна појава влева страв кај луѓето.

Сега кога на прагот е изработката на Буџетот за 2016 година може да се најде место и за овој проблем.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари