Министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија, Владо Мисајловски и Директорот на Јавното Претпријатие за државни патишта, Александар Стојановски престојуваа во работна посета на Кочани.

На средбата заедно со Градоначалникот на Општина Кочани Ратко Димитровски ги информираа медиумите околу активностите што следуваат во овој дел од државата.

Како што информираше Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, распишан е тендер за изградба на патот Кочани-Делчево во должина од 30 км за што ќе бидат вложени околу 10.000.000 Евра а градежните работи би требале да започнат кон крајот на оваа година. На новинарско прашање дали ќе се гради нов пат на оваа релација, Министерот истакна дека тоа е голем зафат и дека всушност ќе има доизградба на веќе изградениот пат.

Министерот Мисајловски исто така потенцираше дека во првата половина од 2016 година ќе се започне со изградба на нова делница на Експресен пат Штип-Кочани за кој до крајот на оваа година треба да заврши постапката за распишување на тендерот.

Директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојановски информираше дека во тек се активностите за асфалтирање на пристапниот пат до градот Кочани во должина од 1.200 метри за што ќе бидат потрошени средства во висина од 8.500.000,00 денари.

Следната година ќе се започне со реконструкција и асфалтирање на патниот правец Кочани-Пониква е најавата која ја даде Градоначалникот на општина Кочани Ратко Димитровски.

С.Ивановски

P3880090

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари