Во рамките на 5-тото коло од Првата Женска Фудбалска Лига на програмата беше локалното дерби „Младост Иднина С“ – „Кочани“. Но за познавачите на фудбалските прилики во женската лига ова ни од далеку не можеше да биде дерби, напротив, тоа беше  игра на два нерамноправни противника во која се чини гостинките кога и да посакаа ќе постигнеа погодок.

Сепак натпреварот започна со шок за фаворитот. Во 5-тата минута киксираше потесната одбрана на кочанчанки, подарокот вешто го искористи Митревска и ја уфрли топката во празната мрежа.

И кога некои гледачи на оризарки се понадеваа дека можеби ќе се случи некакво изненадување, почна играта на девојчињата во црвени дресови. Секој нивни напад беше потенцијална опасност по голот на Ѓурова. По неколкуте неискористени шанси започна црвената фурија. До крајот на полувремето кочанчанки постигнаа пет погодока исто како и во вториот дел, додека девојчињата во жолти дресови не успеаја да упатат ниту еден удар кон голот на Костова а подоцна и Чакмаковска.

Головите за „Кочани“ ги постигнаа Милеска (19’86’), Салихи (30’35’48’64’), Чубриноска (41’) и Спировска (42’70’74’). Судијата Драган Јаневски немаше тешка задача, но сепак мошне авторитетно ја делеше фудбалската правда.

Комплетни резултати од 5-тото коло:

„Младост Иднина С“ – „Кочани“  1:10

„Борец“ – „Топ Гол“  0:1

„Драгон 2014“ – „Конзули“  5:1

„СЦ Истатов“ – „Ас Јунајтед“  1:1

„Тиверија“ – „Речица“  2:0

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари