Со смената на Харалампие Хаџиристески, на големи ѕвона се најавуваше подобра иднина за Македонскиот фудбал, но само за мошне краток период Македонскиот фудбал не само што е на самото дно туку и уште подлабоко. Но кој го интересира сето тоа. На фудбалските „работници“ поважно од се им е личната афирмација и лекувањето на сопствените комплекси на висока вредност.

Народот рекол дека „рибата смрди од кај главата“, да, но таа најпрвин се распаѓа од опашката.

Така е во Македонскиот фудбал кој како игра речиси и да не постои во ниските натпреварувања. Еве годинава, конкретно во Третата Фудбалска Лига сведоци сме на се она што го уназадува фудбалот: лошо судење, инциденти на терените, намалување бројот на гледачи, нервоза кај спонзорите, се помал интерес кај младите, ама за сметка на тоа имаме судии, делегати, контролори, кои писмени или не, чесни или не, си тераат по свое, секоја седмица си го зголемуваат семејниот буџет.

Во 7-мото коло се случи инцидент во Виница во кој главни виновници не беа само играчите, туку и судиите. Кога ќе се има два различни аршини при донесувањето на судиската одлука тогаш зоврива крвта, сето она на некому што му се наталожило од претходните кола излегува на виделина. Еден играч на виничани е суспендиран на 18 месеци поради напад на судиите, но со што се казнија судиите, се „казнија“ со нови делегирања. Така беше во Виница, се обидоа тоа да го направат и во Кочани на натпреварите „Осогово“ – „Баби“ и „Осогово“ – „Беласица“, но кочанската публика па и играчите се многу попаметни и од судиите и од оние кои ги праќаат да ги судат натпреварите, па не подлегнаа на тие игри.

И овде, ништо не би било спорно доколку грешките на судиите се ненамерни, но по она што го гледаме или судиите не ги познаваат фудбалските правила при донесувањето на одлуките, или тоа го прават со тенденција некого да уништат. Е вака повеќе не оди. Ако вака се продолжи Виница ќе се повтори и во некој друг град, и на некој друг стадион, па ајде тогаш да видиме кој е виновникот.

Познато и е на целата фудбалска јавност дека судиите па и останатите службени лица се заштитени како белите мечки, но кој да ги заштити играчите, кој ќе им ја надомести ветената премија доколку незнаењето или намерата на судијата им ги одземе бодовите.

Ако за физички напад на судии тие можат да покренат и приватна тужба, зошто тоа исто право да го немаат и играчите, за нанесената штета да бараат оној што им ја направил да им ги надомести премиите. Па не може децата да играат за бедни 1.000,00 или 2.000,00 денари месечно и на -15°С и на + 40°С а некој да си го тера ќефот и да си лапа секое коло по 1.500,00 денари па и повеќе.

Но вината колку е во судиите и оние кои ги делегираат, толку е и во клубовите. Тие никако да се договорат да делуваат како целина. Веднаш прифаќаат се што ќе им биде побарано, и котизација од 160.000,00 денари на годишно ниво, прифаќаат да играат на терени без соблекувални, прифаќаат да ги продолжат натпреварите и со вакво судеше, зошто? затоа што некои се доведени во заблуда дека на овој натпревар или во сезоната ним ќе им се помогне, а кога на следниот натпревар или следната сезона судиите нив ќе ги „обезглават“ тогаш пак тие го креваат гласот, и така од коло во коло, од година во година сите клубови се вртат во круг.

Но сепак да ги почекаме последните две кола од Третата Фудбалска Лига кога се играат дерби натпреварите „Плачковица“-„Беласица“, односно „Академија Пандев“-„Плачковица“ па да видиме кој тогаш ќе се повикува на ова што погоре е напишано.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари