ОПШТИНА КОЧАНИ ЌЕ ФОРМИРА ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА УЛИЧНО ОСВЕТЛУВАЊЕ

април 28, 2022
1 минути

Општина Кочани ќе почне постапка за формирање ново јавно претпријатие чија задача ќе биде набавка на електрична енергија, изградба и одржување на јавното осветлување и сервисирање на електричната мрежа за уличното осветлување на подрачјето градот и другите населени места.

Согласност за одлуката даде и општинскиот Совет на денешната седница, при што се предлага основач и сопственик на претпријатието „Светлина Ко 2022“ со целиот негов имот да биде Локалната самоуправа. Средствата за извршување на дејноста треба да се обезбедуваат од приходите од сопственото работење, од кредитни средства и од други извори во согласност со закон.

„Главна причина што се определивме да формираме јавно претпријатие за уличното осветлување е да добиеме нов правен субјект кој ќе упати барање до ЕВН да го прифати како снабдувач со струја на регулираниот пазар. Со тоа ќе можеме да побараме согласност и од Регулаторната комисија за енергетика, па наместо просечната берзанска цена, плус провизијата од 17,4 денари, што во наредниот период би се движела и до над 20 денари во зависност од условите на берзата, ние ќе добиеме цена од 7,35 денари, што е регулирана цена за снабдување на корисници за улично осветлување“, истакна градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.

Во правниот промет јавното претпријатие ќе настапува како независен субјект, во свое име и со своја сметка со неограничени овластувања. Притоа, ќе има обврска да изготвува програма со која ќе го планира развојот и финансирањето на својата дејност, а ќе поднесува извештај до Општината.

ЈП „Светлина Ко 2022“ треба да има Управен одбор од пет члена, Надзорен одбор од три члена, како и директор што ќе го избира градоначалникот.

Откако Советот ја прифати предлог-одлуката за формирање, во рок од 60 дена по донесување на актот за основање, треба да се донесе статутот на претпријатието, со што тоа и практично ќе биде оформено.

ИЗВОР:  ТВ  Канал 8