Командирот на Полициска станица – Кочани Горан Велковски со дел од своите соработници оствари средба со претставници од такси компаниите во општината со цел да се надминат дел од проблемите кои секојдневно се појавуваат во сообраќајот.

Непочитување на сообраќајните правила и прописи, посебно при подолгото задржување на местата на кои има поголема фрекценција на возила, како и надминување на дозволената брзина за движење се најчестите забелешки што сообраќајната полиција ги има во однос на однесувањето на такси возачите.

За време на разговорот полициските службеници укажаа на најчестите грешки што ги прават такси возачите со што ја нарушуваат безбедноста во сообраќајот, без оглед што нивната работа бара брза и навремена услуга. Беше побарано да се почитува користењето на обележаните такси станици, при што на нив да не се паркираат возилата на подолг период, туку тие да служат за чекање на повик од централата.

Претставниците на такси комапниите пак, излегоа со конкретни предлози за намалување на хаосот во сообраќајот во градот, посебно во т.н. шпицеви кога фреквенцијата на возила е најголема. Упатија забелешка за недостатокот од паркинг простор, при што беше оценето дека има потреба за промена на локациите на дел од такси станиците, но и за соодветна интервенција при појавата на нерегистрирани такси возачи, односно т.н. диви таксисти.

Како заклучок од состанокот во Полициската станица произлезе потребата од меѓусебно помагање и поддршка, во интерес на безбедноста во сообраќајот и квалитетно давање на услугите.

С. Ивановски

DSCN6039

 

 

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари