Факултети.мк низ интервјуа ви ги претставува најдобрите студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”.

Факултети.мк: Што студираше на ФИНКИ?

Ѓорѓи: Тековно во последната фаза сум од магистерските студии по софтверско инженерство на ФИНКИ со просек 9.86. Додипломските студии ги завршив на насоката Информатика и компјутерско инженерство со просек 9.07 во 2014 година.

Факултети.мк: Тешко ли е човек да стане најдобар студент на овој факултет?

Ѓорѓи: Интересен е фактот дека насоката Информатика и компјутерско инженерство (мојата студиска програма од додипломски студии) опфаќа едно огромно множество на дисциплини кон кои еден студент може да ја насочи својата академска и професионална кариера. Не е лесно да се совладаат голем број на предмети од различна природа и притоа да се постигнат добри резултати. Особено поради тоа што секој од предметите што се изучуваат станува се поинтересен како што се задлабочувате во него. Затоа можеби клучен момент во студирањето е насочувањето на енергијата во насока на област во која сакаме подлабоко да навлеземе, а со остатокот да се завршат задолжителните обврски кои студирањето ги бара. Уште од почетокот на студирањето јас лично бев фасциниран од системите базирани врз веб технологии и се насочив кон совладување на техниките потребни за развој на такви веб апликации. Поради тоа што секогаш ја преферирам практичната страна на работите, најмногу ме интересираа практичните имплементации на системите кои ги изучував. Оваа определба на некој начин и почна да ја трасира патеката по која се движев низ студиите. Затоа, мислам дека мојот успех се должи на тоа што релативно рано сфатив дека и покрај што теоријата е важна, мора да се вложи тој екстра напор за усовршување на практиката, па макар и тоа да е надвор од доменот на факултетските обврски. Имајќи го тоа на ум, секогаш одбирав предмети во кои во голема мера е застапена практичната настава и постојат опции за земање проектни задачи т.н. „семинарски“. Како што моето знаење еволуираше во текот на студиите, така и проектите стануваа по амбициозни. Еден од тие проекти евентуално прерасна во дипломска работа, а следниот е тема на мојот магистерски труд. Во текот на тие истражувања имав услови да објавам неколку научни трудови и да посетам различни интернационални конференции, што е многу важно за мојата академска кариера. Сметам дека токму тој практичен пристап кон студирањето ми помогна да дојдам до потребното знаење, вештини и контакти за да се најдам на местото каде што сум денес.

Факултети.мк: Што нуди ФИНКИ? Имате ли добри услови за работа?

Ѓорѓи: Најмногу ми се допадна природата на материјата која се изучува на факултетот и начинот на кој може да се учи. Најголем дел од предметите бараат користење на солидно ниво на логика, не бараат класично учење напамет и оставаат место за размислување и имагинација. Секоја задача, проект или проблем може да биде предмет на дискусија од која што покрај решението на проблемот можат да произлезат и нови идеи, начини на размислување или дури цели реални проекти. Дополнително, партнерството на ФИНКИ со голем дел од ИТ компаниите во државата овозможува студентите да стекнат реално практично искуство преку пракса или обука. Тековно, ФИНКИ има добри услови за изведување на практична настава кои сигурно ќе се подобрат штом добиеме сопствен факултетски објект.

Факултети.мк: Какви се твоите планови за во иднина?

Ѓорѓи: Во мојот случај тоа е се уште недефинирано. Тековно ангажиран сум на научно-истражувачки проект наречен MAESTRA, финансиран од Европската комисија, на кој покрај ФИНКИ се вклучени и други факултети од повеќе држави. Вршам истражување во областа на архитектури за длабоко учење во процесирање и класификација на слики. Во истата област е и мојата магистерска теза, па имајќи ја во предвид актуелноста на темата во компјутерскиот свет, високи се шансите да изберам докторски студии од истата област. Веројатно, попрецизно ќе можам да дефинирам идни планови после завршувањето на магистерските студии.

извор: Fakulteti.mk

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари