До крајот на првенството во Третата Фудбалска Лига – Исток остануваат да се одиграат уште две кола, во кои се играат и два дерби натпревари по кои ќе се знае кој ќе биде есенскиот шампион. Засега за првото место во игра се две екипи, „Плачковица“ и „Академија Пандев“, но доколку на „Плачковица“ ѝ бидат одземени три бода по административен пат во игра со еднакви шанси се вклучува и една од најдобрите екипи во лигата, екипата на „Беласица“.

Факт е дека во досегашниот тек од првенството овие екипи покажаа најмногу па нивните меѓусебни дуели „Плачковица“ – „Беласица“ (10-то коло), односно „Академија Пандев“ – „Плачковица“ (11-то коло) ќе го дадат и есенскиот шампион.

Дека натпреварите ќе бидат неизвесни е повеќе од јасно, но прашањето е има ли маж (судија) од Третата Фудбалска Лига – Исток што ќе се нафати чесно да ги отсуди овие натпревари? Прашањето со право се поставува бидејќи иако сите три екипи имаат квалитет, честопати „неговото височество“ судијата и неговото судиско убедување ги решаваат натпреварите. Такви примери за жал има многу, а за да се набројат ќе треба и време и доста поголем простор.

Сакале да признаеме или не од делегирањето на судиите на овие два дерби натпревари ќе зависи целото првенство. Гледано од неутрален агол би било фер и коректно спрема сите други екипи од лигата овие натпревари да ги судат судии од типот на Дарко Тодоров (Свети Николе), Игор Филипов (Штип) или пак некои од „шешир преку ноќ извадени“ од Пробиштип каде не функционира со години Општинска лига а судии излегуваат како на филмска лента.

Комесарот за делегирање во Третата Фудбалска Лига – Исток би требало да се реши на ваков чекор бидејќи иако според нас тие на неколку натпревари ништо не покажаа од познавањето на фудбалската игра правејќи серија материјални повреди на правилата, за него и за комисијата беа добри бидејќи во континуитет некои продолжија да си судат.

Ако се постапи поинаку и ако се дозволи други судии од повисоки рангови да ја делат фудбалската правда на двете последователни дерби натпревари, тогаш и регуларноста на првенството во Третата Фудбалска Лига – Исток се доведува во прашање.

Но ајде да почекаме уште три дена по што се надевам дека на сите ќе ни се разјасни борбата.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари