На барање на голем број жители од околината на СРЦ „Бавчалук“ како и на голем број на граѓани кои го користат овој простор за шетање, Општина Кочани ги презема сите активности за реконструкција на двата дрвени моста кои од асфалтниот пат водат кон терените за рекреација, како и кон пумпата за вода.

Факт е дека и двата дрвени моста се оштетени. Наемањето ограда и отворите низ кои минуваат посетителите се оштетени до тој степен што претставуваат опасност за оние кои се движат по нив.

Од општината решија да ги реконструираат и за тоа да потрошат околу 290.000,00 денари. Но по реконструкцијата општината треба да ја задолжи Урбаната заедница да се грижи за мостовите и секое оштетување што ќе се направи во следните пет години Урбаната заедница од сопствени средства да ја изврши поправката.

Овие два моста со средства добиени од Бугарската амбасада во Република Македонија се реновираа. Од тогаш поминаа шест години, но несовесни граѓани не оставија мостовите да си го одработат својот век, туку за лични потреби ги испокршија оградите а материјалот си го однесоа по своите домови и дворови.

Ако Урбаната заедница не се грижи за она што и се подарува тогаш ќе се повтори оваа слика за мошне краток период и мостовите ќе станат повторно осакатени.

Да не дозволиме она што ги снајде патоказите и клупите на помошната патека, да ги снајде и дрвените мостови. Патоказите и клупите се извадија и се употребија како огревно дрво, колку ни е совеста голема можеби и дрвените мостови ќе загреваат нечии дом во блиска иднина.

С. Ивановски

P1900660

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари