Во рамките на 15-тото коло од Првата Македонска Фудбалска Лига на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани пред околу 400 гледачи се одигра натпреварот „Брегалница“ – „Металург“ кој заврши со заслужена победа на гостите од 2:0 (1:0).

Малобројната публика виде две екипи со сосема различен пристап на играта. Ако штипјани играа неповрзано, анемично и незаинтересирано, младата и полетна екипа на „Металург“ која срцето го остави на теренот одигра мудро, технички дотерано и мошне опасно по противничкиот гол.

Поставеноста на играта на гостинскиот стратег Мацков се покажа како силно оружје за играчите на тренерот Христовски, умешно се бранеа, смирено играа на средината од теренот и со брзи против напади го загрозуваа голот на „домаќините“.

Резултатот беше откриен во 6’ кога по одлично изведениот контра напад Горгиевски остро нафрли од десната страна а Б.Наумоски натрча и со глава ја „закова“ топката под пречката на немоќниот Колев. Гостите во 22’ можеа да го зголемат водството но Ангелов премногу размислуваше и шансата отиде во неповрат. Минута подоцна најголемата шанса за штипјани, но за жал ударот на капитенот Здравков заврши во горниот дел од пречката на денес сигурниот Талески.

Вторите 45 минути идентични на првите. Нападите на играчите на „Брегалница“ беа јалови и завршуваа некаде пред гостинскиот шеснаесетник а ударите од далечина беа доста непрецизни. За разлика од „домаќините“ гостите одиграа едно мошне мудро второ полувреме. Ја држеа топката во своите нозе колку што можеа за да потоа одеднаш направат контра напад кој внесуваше паника во одбранбените редови на „штипските сини“.

Кога во 55’ домашниот голман Колев поради повреда го напушти теренот беше повеќе од јасно дека штипјани имаат нов голем проблем,  Се играше 64’ кога по еден остро изведен слободен удар вториот голман на „Брегалница“ Давитков при првата своја интервенција ја одби топката која дојде до Митревски кој пак рутинирано со глава од неколку метри ја спроведе во празната мрежа.

По овој погодок беше јасно дека денес многу подобрата екипа на „Металург“ од „градот на оризот“ ќе си замине со целиот плен.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари