Колумна на

С. Ивановски

Гледам последните две седмици само се поставуваат штандови, те од „нашите“, те од „вашите“, те од „моите“, те од „твоите“, почнаа да собираат идеи од народот, еј замислете, собираат идеи од народот. И повторно замислете, и едните и другите добрите идеи ќе ги ставеле во Програмите, дај Боже така да биде, ама…….

Е сега за да не губам време и кај „нашите“ и кај „вашите“ и за да не им го трошам мастилото и хартијата, а и да не ми го некогаш злоупотребат  ракописот, еве од овде ќе ја напишам идејата која сакам, ама вистински сакам да влезе во нивните Програми. Таа е едноставна и гласи вака: „Вратете ми го Кочани од осумдесеттите години“. А знаете ли зошто да ми го вратите?

Па вака: Сакам да ми се врати корзото, бидејќи речиси сите први симпатии таму се доживеаја а и многу бракови од таму излегоа по што многу Македончиња се родија. Сакам да ми се вратат забавите и дружењата кај „Стариот мотел“ на браната „Гратче“. Сакам да ми се врати шмекот на Хотел „Турист“ местото каде се собираше градскиот еснаф. Сакам да ми се врати спортот во градот, истиот оној каде ја трошевме целата акумулирана негативна енергија. Сакам да ми се вратат културните настани кои ги полнеа салите. Сакам да ми се врати вистинското здравство, вистинското образование, вистинското судство, вистинската полиција. Сакам да ми се врати производството во „Целулоза“, „Руен“, „Младост“, „Атом“, „Борис Кидриќ“, „Жито Ориз“, „Кочанско Поле“. Сакам да ми се вратат насмевките на сите оние кои таму работеа. Сакам, ама најмногу тоа го сакам, да се врати соживотот на луѓето во градот и околината без разлика некој дали ќе помисли дека со ова сакам да се врати едноумието.

Зошто тоа го сакам?

Па едноставно, не можам да го гледам некогашното корзо и преку ден и преку ноќ како зјае празно, не можам да гледам како кај „Стариот мотел“ само за празници се собираат некои мои пријатели и познаници, не можам да гледам како се распаѓа хотелот во самиот центар на градот и станува дом на бездомници, наркомани, проститутки,не можам да гледам вакво здравство, образование, судство, полиција,  не можам да гледам како фабриките останаа празни и тоа што, оние што можеа за бадијала ги лапнаа, не можам да ги гледам намуртените и остарените од мака лица на моите сограѓани, не можам да гледам некој друг да ми ги прекрстува улиците, не можам да гледам некои нови обичаи донесени кој знае од каде, не можам да гледам како младите си заминуваат по што полека но сигурно стануваме град на пензионери а подоцна ќе станеме и град на духови.

Затоа нека се потрудат и „нашите“ и „вашите“, и „моите“ и „твоите“ пораката да ја разберат, да ја внесат во Програмите и да почнат на тоа да работат.

Верувајте ми сите ќе бидеме среќни.

Со почит.

12062424_10207213079312950_

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари