Во натпревар од 18-тото коло во Првата Фудбалска Лига „Брегалница“ на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани, ја совлада мошне добрата и дисциплинирана екипа на „Ренова“ со резултат 3:2 (3:2).

Серијата на голови започна уште во 3’ кога по еден кикс на последната линија на штипјани мошне брзиот Скендери изби сам и со рутиниран удар го совлада Захов.

Уште гостите не му се беа израдувале на водството кога штипските сини за само седум минути направија целосен пресврт. Најпрвин во 6’ Христов по одлично нафрлената топка од десната страна со глава го матираше Ефремов, за да во 10’ капитенот Здравков по изведениот слободен удар од дваесеттина метри биеше ниско по земја и по втор пат се затресе мрежата на „гипсарите“.

Возбудувањата продолжија во 17’. Скендери беше проигран во празно изби сам по десната страна а кога Захов му појде во пресрет со мајсторски удар го префрли и топката од десната греда заврши во празната мрежа.

Новото водство кое на крајот се испостави дека е и конечен резултат од 3:2 за „Брегалница“ беше поставено во 22’. Најпрвин Велковски упати силен удар од косо но топката заврши во десниот дирек на Ефремов за чија несреќа се одби до осамениот Нацев кој рутинирано ја упати во празната мрежа.

Во вторите 45 минути гостите го диктираа темпото на играта но тоа беа јалови напади па така резултатот од првото полувреме остана како конечен.

Во овој период од играта за одбележување се двете шанси, по една за секоја од екипите. Најпрвин Мишковски во 60’ не успеа од само два метри да го погоди голот на Захов, за да во 71’ Нацев по одлично изведената контра биеше од работ на шеснаесетникот но топката заврши во левиот дирек на гостите.

Се на се интересен натпревар кој по студено и малку магловито време ги задоволи вкусовите на петстотините гледачи.

Главниот судија Ѓорѓевски од Куманово со своите помошници немаа тешка работа бидејќи фудбалерите од обете екипи играа во границите на фудбалската игра.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари