По пауза од седум години, Кочани повторно беше град на гимнастиката. Во „Спортската сала“ се одржа годинешниот „Гимнастички Куп“ на Македонија на кој продефилираа најдобрите гимнастичари кои во моментот ги има Македонија.

Во отсуство на Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски гостите ги поздрави а воедно натпреварувањето го прогласи за отворено, Јордан Димитров – Претседател на Советот на Општина Кочани.

Како одржувањето на последниот гимнастички настан во државата за оваа година се совпадна со прославата „105 години постоење 1910-2015“, од Федерацијата за Гимнастички Спортови на Македонија на голем број гимнастичари и гимнастички работници, кои години наназад успешно ја претставуваа кочанската гимнастика им беа врачени посебни признанија.

Инаку, посетителите во салата присуствуваа на интересни вежби кои ја враќаат вербата во еден од најстарите спортови во Македонија, а за одбележување беа и настапите во „ритмичка гимнастика“.

По завршувањето на натпреварите кочанчани освоија речиси се она што беше возможно да се освои. Според остварените резултати машката екипа беше прогласена за најдобра, а Јана Николова ја освои титулата „Најдобар поединец на гимнастичкиот куп“.

Годинешната титула за „Севкупен победник на Гимнастичкиот Куп на Македонија“ ја освои КГС „Кочани“. Кочанчани единствено не ја освоија титулата во женска конкуренција, каде најдобри беа гимнастичарките од КГС „Партизан“ од Битола.

Со денешниот спортски настан во Кочани и официјално беше спуштена завесата на годинешните натпревари во гимнастика.

С. Ивановски

1

2

34

5

6

7

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари