Кога пред повеќе од еден месец завршија натпреварите од есенскиот дел во првенството на Третата Фудбалска Лига – Исток (ТФЛИ) многумина излегоа со свои видувања кон она што се случуваше во изминатите единаесет кола. Секој гледано од свој аспект, со свој коментар за она што се случуваше по „фудбалските терени“ низ истокот.

Дали се помина според фудбалските пропозиции, односно Статутот,  одговор ќе треба да дадат сите оние кои се инволвирани во фудбалските тела на ТФЛИ. Ние пак како вљубеници во фудбалската игра гледано од страна можеби имаме друг начин на размислување од нивниот.

Но да почнеме по ред.

Дали е легитимна ТФЛИ? Чудно е кој се партиципира во ТФЛИ. Кога ќе се споменат петте Општински Фудбалски Сојузи партиципиенти во лигата се добива слика дека фудбалот на истокот се развива речиси во секој град, во секое село (да така беше некогаш) што не е ниту од далеку така. Според она кој сè решава во ТФЛИ, таа слободно може да се прогласи како нерегуларна. Имено Општинските Фудбалски Сојузи од Штип Струмица и Кочани кои имаат организирано општински фудбалски лиги имаат легитимни делегати, но за жал во лигата важат и двата подигнати прста и на делегатите од Свети Николе и Пробиштип кои немаат општински фудбалски лиги ама затоа имаат судии и делегати кои секое коло си носат додатен приход во семејните буџети. Според овие податоци ми се чини дека постоењето, односно работата во ТФЛИ и не е баш легитимна.

Дали самото натпреварување е според пропозициите? Одговорот треба да го дадат оние на кои им е доверено водењето на лигата, но, незамисливо е во 21-ви век да се дозволи да се игра фудбал без соблекувални за судиите и екипите. Пропозициите се јасни, дека секој домаќин на натпреварот МОРА да има соодветни соблекувални за играчите од двете екипи и за службените лица. Така пишува, но така не се делува. Се дозволува да се играат натпревари а играчите и службените лица како соблекувални да користат училишни простории (Свети Николе) или кафеани и отворено небо (Македонска Каменица). Тоа е факт од кој не може никој да побегне.

Судењето  приказна за себе. И на крај, болната точка на Македонскиот фудбал – службените лица. Сакал некој да негира или не, судењето едвај може да добие некоја преодна оцена. Колку ли само грешки на штета на фудбалската игра направија судиите може романи да се напишат. Она што го направија на некои фудбалски  натпревари се грешки за во затвор а не да им се дозволи и понатака да прават кариера (ова е за натпреварите на кои и ние бевме гледачи). Но ако се осмели некој тие судии да ги казни, тогаш нивните татковци, односно чичковци, кумови нема да дават поддршка при донесување на одлуките во ТФЛИ. За жал тоа е така но како што идат работите така и ќе биде во иднина. Моќниците во овој сегмент на фудбалот како да имаат се однапред планирано.

Читам ги реагирањата на Радовишани на последниот натпревар против „Академија Пандев“ во Струмица дека судиите им ја украле победата, а зошто не се изјаснија со соопштение кога истите тие судии во Виница им ја дадоа победата. Но некој сето тоа убаво го има испланирано. Вака до крај на првенството ќе си ги држи во неизвесност но и со надеж  трите по квалитет најдобри екипи за највисок пласман, ќе си ќари поени, забави, седенки, и на крај повторно ќе има само една страна задоволена а две оштетени.

Ако „На Запад нема ништо ново“, на Истокот се си останува по старо.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари