Градоначалникот на Општина Кочани го распиша конкурсот за доделување една стипендиja на спортист – спортска надеж на Кочани за остварени спортски резултати и достигнувања во 2015 година.

Стипендијата чиј месечен износ е во висина од 3 илјади денари, ќе се доделува  во период од шест месеци во 2016 година. Исплатата ќе  трае од април  до септември, а средствата ќе се обезбедат од Буџетот на Општина Кочани за 2016 година.

Право на спортска стипендија имаат кандидатите – жители на општина Кочани на возраст од 17-20 години, членови на спортски клуб, друштво или асоцијација регистрирана во Агенцијата за млади и спорт, со решение за вршење дејност – спорт; членови на национални спортски федерации кои реализираат национални спортски систем на натпревари и учествуваат во меѓународни натпревари за возрасни категории до 20 години. Право на стипендијата имаат спортисти во индивидуални спортови врз основа на остварени спортски  резултати според утврдената Ранг-листа на најуспешните млади спортисти до 20 години од страна на националната спортска федерација и  спортисти во екипни спортови врз основа  на составот на репрезентациите до 20 години според утврдена Ранг-листа на најуспешните  млади спортисти  до 20 години од соодветниот спорт, подготвени од страна на националните спортски  федерации. За стипендијата можат да конкурираат учесници на национални или меѓународни систем натпревари во борење велосипедизам; гимнастика; карате; кошарка (машка и женска); скијање; тенис; триатлон; фудбал (машки и женски) и шах.

Рокот за пријавување е од 4 до 15 јануари 2016 година. Пријавите со потребната документација се доставуваат до Едношалтерска канцеларија на општина Кочани или по пошта на адреса: Општина  Кочани, ул.“Раде Кратовче“ бр.1,  2300 Кочани.

Критериумите за доделување на спортската стипендија и начинот на пријавување се опишани во Конкурсот објавен на веб-страницата на Општина Кочани.

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари