ДВЕТЕ СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ОД КОЧАНИ ЗАДОВОЛНИ ОД БРОЈОТ НА ПРИЈАВЕНИ УЧЕНИЦИ ВО ПРВИОТ УПИСЕН РОК – ПРВО ПРИЈАВУВАЊЕ

јуни 17, 2022
1 минути

Во тек се уписите на нови ученици во двете средни училишта во Кочани,  во кои има доволно слободни места за деветоодделенците од општината кои годинава го завршија основното образование.

За разлика од минатите години, сега новина е што пријавувањето за запишување е електронски, преку посебен систем што го подготви Министерството за образование и наука.

Според информациите од СОУ „Гошо Викентиев“, интересот за запишување кај нив е солиден и според очекувањата. Најголем дел од учениците сакаат да се образуваат во електротехничката струка, а нешто помалку во машинската.

„Имаме 110 кандидати кои се пријавија во првиот уписен рок, за профилите што ги имаме во електро и машинската струка. Иако пријавувањето е по електронски пат, поголем дел од учениците повторно дојдоа повторно кај нас, ние им помогнавме околу поднесувањето на документите, веќе го извршивме рангирањето и чекаме да помине официјалниот временски термин во којшто треба да ги истакнеме резултатите на огласна табла. Скоро 50 отсто од учениците во општината кои завршиле основно образование веќе се пријавија кај нас, а имаме запишано ученици и од соседните општини Виница, Македонска Каменица, Чешиново-Облешево и другите. Очекуваме во вториот уписен рок да дојдат уште ученици, особено оние кои не успеале да се запишат во други училишта каде што имале желба“, истакна Гордан Анастасов, помошник директор во СОУ „Гошо Викентиев“.

И во гимназијата „Љупчо Сантов“ – има 254 слободни места. Таму е планирано да се оформат 7 паралелки, од кои 3 гимназиска, 2 економски техничар, а останатите две се за новото дуално образование, односно по една паралелка за бизнис администратор и хемиско-лаборантски техничар.

Во првиот уписен рок – прво пријавување се пријавени 146 ученика

Годинава основното образование во Кочани го завршија околу 320 ученици и според досегашниот одзив може да се констатира дека во двете средни училипшта веќе има обезбедно блиузи половина од капацитетот.

С. Ивановски