Околу 350 ловџии од Кочани и околината, членови на ловното здружение „Осогово“ од Кочани се револтирани од односот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија кон одземање на правото и понатака тие да стопанисуваат со своите две ловишта.

Имено, согласно новите законски прописи ловното здружение „Осогово“ од Кочани се има пријавено на првиот распишан оглас за доделување на ловиштата под концесија од кочанскиот ловен регион со кои и досега стопанисуваше. Бидејќи кочанското ловно здружение имало највисока понуда, кај ловџиите постоела надеж дека и понатака ќе ловат во своите ловишта. Сепак од необјаснети причини  истиот јавен оглас бил поништен.

На повторениот оглас кочанското ловно здружение повторно конкурирало. На јавното отворање на понудите кое се одржало на 30.09.2015 година во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, понудата на кочанското ловно здружение иако како комплетна поминала сепак тие до ден денешен немаат добиено никакво известување за тековните случувања со јавниот оглас.

Како што не информираат, во меѓувреме на АД „Текстил“ од Скопје му се доделени кочанските ловишта за симболична цена од по 500 Евра годишна рента, што значи дека со вековните кочански ловишта во наредните 10 години ќе стопанисува фирма која нема допирна точка со Кочани и тоа за симболична цена од вкупно 1.000 Евра годишно.

Од кочанското ловно здружение „Осогово“ истакнуваат дека работите се отидени во крајност од причина што на јавното наддавање е дозволено да учествува фирма чија документација не била комплетна па и нивните понуди не биле отворени на јавното отворање што претставува грубо кршење на законот и нарушување на транспарентноста за доделување на ловиштата.

Незадоволни од ваквиот однос, кочанското ловно здружение „Осогово“ упатува жалба по што како што не информираат Владата на Република Македонија донесува одлука за поништување на тендерот со содржина која не им е јасна ниту ним, ниту на многу правни служби.

Сепак, кај кочанските ловџии уште постои одреден оптимизам дека со конечната одлука на Владата на Република Македонија ќе им бидат вратени нивните ловишта со што нема да згасне уште еден препознатлив бренд на Кочани.

За илустрација само, кочанското ловно здружение „Осогово“ со своите ловишта постои од далечната 1924 година. Во него моментно членуваат околу 350 ловџии. „Ловниот дом“ во Кочани има богата традиција за што сведочи големата збирка на експонати од препариран дивеч. Ловното здружени „Осогово“ во последните години го користи и одржува стрелиштето за глинени гулаби, а Ловното здружение „Осогово“ е еден од најголемите амбасадори на градот со учеството на многуте меѓународни и домашни турнири каде стрелците на глинени гулаби остваруваат забележителни резултати. Во моментот здружението може да се пофали и со големата фазанерија во село Чифлик и големиот број на уредени набљудувачници што е добар показател за неговата организираност.

Ловџиите од Кочани чекаат да им се вратат вековните ловишта, на потег се релевантните структури во државата.

С. Ивановски

P2740237

P1940122

P1940123

P2720616

P2810623

4

5

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари