Континуирано лошите резултати и паѓањето на светската фудбалска ранг листа пониско од сто места е јасен показател дека македонскиот фудбал е болен. Како што сега стојат работите доколку нешто не се преземе тој и понатака ќе боледува и ќе дојде во фаза на неизлечливост. Причините се подлабоки, од поставување на челни позиции во федерацијата на луѓе кои се светлосни години далеку од оваа игра до лошата програма во лига натпреварите.

Токму лошата поставеност на натпреварувањето се чини е главниот проблем. Фудбалот е фокусиран во само неколку градови, а додека некогашните фудбалски центри или се во пониските региони или воопшто не фигурираат на фудбалската карта.

И наместо да има поголем број на екипи во добро поставени натпреварувања од каде ќе се црпат идните репрезентативци ние дозволивме да увезуваме играчи за да играат во првата лига а нашите таленти да стагнираат па и да згаснуваат.

Штета е што една убава идеја што ја промовираше редакцијата на СКОК кон крајот на 2002 година уште не е заживеана. Тогашните спортски пера на Македонија јасно видоа дека без квантитет нема квалитет па беа изготвиле една студија како да се постави фудбалот во државата и како еднаш да кренеме од мртва точка. За жал идејата не ја прифатија оние нарцисоидни типови кои седеа и седат во удобните фотелји на федерацијата и мислат дека токму тие го измислиле фудбалот.

Тогаш СКОК излезе со предлог Македонија да има една прва лига со 16 клуба и две втори лиги исто така со 16 клуба. Беше планирано во третиот ранг од натпревари да има 4 региони со по 16 клуба.

Едниот регион ќе го сочинуваа екипи од општинските лиги на: Кисела Вода, Чаир, Карпош, Гази Баба, Центар, Крива Паланка, Кратово, Свети Николе и Куманово.

Во другиот регион ќе се натпреваруваа од општинските сојузи на: Гостивар, Кичево, Тетово, Дебар, Струга, Охрид, Македонски Брод.

Третиот регион ќе го сочинуваат екипи од: Ресен, Демир Хисар, Битола, Крушево, Велес, Неготино, Кавадарци, Прилеп и последниот четвртиот регион: Радовиш, Гевгелија, Струмица, Берово, Делчево, Виница, Кочани, Пробиштип и Штип.

Математиката е јасна: вкупно 112 клубови со минимум 2.240 играчи, секое коло по 56 натпревари и исто толку судиски тројки, делегати контролори.

И ако во рок од 5 години не излезе ништо тогаш дефинитивно македонскиот фудбал е заболен од неизлечива болест.

За сето ова да се оствари потребно е само малку поголема желба и креативност од луѓето од ФФМ, во спротивно и понатака ќе бележиме само паѓање на светската фудбалска ранг листа.

С. Ивановски

1

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари