Синоќешниот упад на неканети муштерии во „Фреш маркет“ од каде е однесена голема количина на стока, особено цигари уште еднаш покажа дека надлежните се немоќни да се справат со оваа се позачестена појава. Никогаш Кочани во својата историја не памети толку голем тренд на кражби. Крадците слободно се движат и посетуваат објекти не само во ноќните часови, туку и преку ден па не чуди ништо што речиси секој ден во Полициската станица во Кочани има пријави од оштетени граѓани.

И додека крадците царуваат од полицијата соопштенија во стилот дека истрагата е во тек или се преземаат мерки за откривање на сторителите. Од такви соопштенија оштетените немаат ама баш никаква полза. Освен од полицијата и од судот искажуваат немоќ бидејќи се работело во неколку наврати за малолетни лица.

Но да почнеме со ред. Кон крајот на минатата и почетокот на оваа година голем број на граѓани се пожалија дека им се украдени акумулаторите од нивните возила, како и разбиени и ограбени семејни куќи, маркети, бутици, златари и голем број на возила од каде на оние кои со години нешто создавале им е нанесена голема штета. И замислете сето ова се случува во време кога улиците па и градот го „чуваат“ голем број на лица вработени во Полициската станица.

Во времето на едноумието кое голем број од населението го исмејува како систем, кога Кочани имаше една третина помалку население имаше и дваесет пати помалку полицајци, но тогаш вака не одеа работите, тогаш имаше Закон кој важеше за сите крадци, и за малолетните и за полнолетните.

За жал сега во времето на плурализмот кога градот и околината поради масовното иселување брои речиси исто толку население, а кога бројот на вработени во Полициската станица секојдневно се зголемува, незамисливо е да се случуваат толку често кражби а да сторителите тешко се откриваат.

По чаршијата во Кочани на големи се зборува дека крадците на некои предмети се позната група која полицијата ја знае, но сите тие биле малолетници и дека законот ги штити.

Бидејќи на оштетените тешко дека некогаш ќе им се врати украденото мора поголема ангажираност на надлежните. Полицајците мора да бидат на улицата бидејќи таму ја заработуваат платата и им тече работниот стаж, а судовите мора да пронајдат формула каде ќе ги праќаат малолетните, додека за полнолетните се знае.

Ако вака не оди мора да се размислува и за промена на Законите за вакви дела, бидејќи овие закони се закони за во цивилизирано општество.

Поголемата ангажираност на надлежните па ако треба и менувањето на законите е она вистинското, но очигледно е дека дваесет и пет години пред овој проблем сите свесно замижуваат.

Така не одат работите, така не се заштитуваат граѓаните и нивниот имот, па по се изгледа дека токму граѓаните ќе бидат тие што ќе треба да за си го заштитуваат имотот и да се одбранат од ваквите натрапници.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари