И тоа се случи, конечно во третиот подготвителен натпревар „Осогово“ успеа да ја забележи првата победа, во која што дојде благодарение на индивидуалните квалитети на Аксентиев во финишот на двете полувремиња.

Во првиот натпревар пред своите гледачи играчите на „Осогово“ прикажаа анемична, неодговорна и непродуктивна игра во која со голема мака успеаја да ја совладаат младата но мошне борбена екипа на „Слога 1934“ од Виница со 2:1 (1:0).

Да не беше фантастичниот удар на Паунов во пречката (35’) и голот на Аксентиев во 43’ малобројните гледачи немаше што да видат во првиот дел од натпреварот. Вториот дел донесе подобра игра и повеќе трчање, но од страна на голобрадите момчиња на виничкиот третолигаш што резултираше со гол во мрежата на домаќините по фантастичната акција и ударот на Николов.

Кога се очекуваше „жетварите“ малку да притиснат, тие спротивно на тоа, почнаа да играат индивидуално, неповрзано и без удар на противничкиот гол. Сепак благодарение на еден кикс на одбраната на „Слога 1934“ во финишот од натпреварот (87’) топката дојде до Аксентиев кој со удар од работ на шеснаесетникот ја упати во мрежата на гостинскиот голман.

Кога ќе се направи анализа на досега сработеното, новиот тренер на „Осогово“ Зоран Филипов ќе има многу мака да ги „размрда“ самонаречените фудбалери, кои повеќе мислат на својата игра отколку на колективната.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари