Самопрогласените фудбалски ѕвезди  на „Осогово“ денес му удрија уште една жешка шлаканица на и онака разнишаниот углед на една од најстарите фудбалски екипи во државата.

Имено денес играчите на кочанскиот третолигаш требаше да отпатуваат на однапред договорениот подготвителен натпревар со „Плачковица“ во Радовиш.

Во временскиот рок на игралиштето пристигнале само неколкумина од кои поголемиот број од младинскиот погон. Оние кои треба да бидат носители на играта воопшто не се појавиле во закажаниот термин пред поаѓањето за Радовиш а згора на се, и не сакале да се јават на телефонските повици.

На крајот за да не поминат полошо од она што поминаа во Делчево било одлучено да не се патува.

Овој потег на „ѕвездите“ помалку зачудува бидејќи деновиве им беа исплатени одработените тренинзи на сите, од почетокот на подготовките до 15 овој месец.

Можеби крајно време е оние кои го презедоа раководењето на клубот да седнат на маса и да поразговараат отворено со „играчите“ бидејќи вака не одат работите.

Не може некој поединец или неколкумина да си ги стават своите лични интереси пред клупските. Не може кога временските услови се добри да доаѓаат за да им се брои како тренинг, а кога малку ќе се промени времето да се кријат каде ќе стигнат.

Годинава клубот по два основа има доволно финансиски средства, но за жал разгалените „фудбалски ѕвезди“ како за инает ниту редовно доаѓаат да тренираат ниту го дават својот максимум кога се играат натпреварите.

Некој мора конечно да пресече, или ќе играат или нека се почне пролетната сезона со децата, со оние кои имаат желба да ги браната боите на клубот па што биде нека биде.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари