Се играше 89’ од првиот полуфинален натпревар за фудбалскиот Куп на Македонија кога домаќините постигнаа погодок. И додека сините се радуваа главниот судија Димитар Мечкаровски ја прифати сигнализацијата на првиот помошник Дејан Неделковски и голот го поништи поради офсајд позиција.

Настанаа мачни сцени во кои учествуваа играчите од обете екипи со двајцата споменати судии и првиот дополнителен судија Влахо Костадин. По неколку минути Мечкаровски покажа дека гостите се тие кои треба да ја уфрлат топката во игра од местото каде беше покажана офсајд позицијата.

Инаку натпреварот и двете екипи го почнаа доста претпазливо. Гостите ја имаа повеќе топката во своите нозе, но освен ударот на Јованоски во 7’ по извонредниот центар-шут Сахити гледачите друго и не видоа на теренот.

Како се играше првото, така започна и второто полувреме со таа разлика што сепак во овој дел од натпреварот имаше и неколку возбудувања.

Првиот посериозен удар кон голот на Шишковски го упати Дејан Митров во 55’ но топката заврши над голот.

Во 64’ домаќините поведоа со 1:0. По еден центаршут од левата страна Велинов убаво го вработи штотуку влезениот Нацев кој од седум метри биеше во небранетиот дел од мрежата на Шишковски.

По водечкиот гол на домаќините „романтичарите“ се подотворија и веќе во 73’ резултатот гласеше 1:1. Гостите изведоа удар од левиот агол, топката беше исфрлена надвор од шеснаесетникот а гостинскиот играч Најденов ја врати повторно во казнетиот простор на домаќините, Алтипармаковски ја промаши топката но таа удри во непотребно испружената рака на Станквиќ и судијата Мечкаровски оправдано покажа на белата точка. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше Алтипармаковски кој мошне рутинирано голманот Павлов го испрати во левата а топката во десната страна.

Во 89’ Митров беше фаулиран на осумнаесет метри од голот на Шишковски. Темелков го изведе ударот но топката се одби од живот ѕид на десната страна, следуваше центар-шут по земја на топката натрчаа Митрев и Велинов од домаќините и Трајчевски од „Работнички“ од кого се одби топката и заврши во мрежата. Според она што се гледа на фотографиите и снимките во моментот на ударот на Темелков домашниот играч со број 5 (Митрев) е во офсајд позиција па голот како што подоцна дознавме е поништен токму поради попречувањето на Митрев и на гостинскиот играч и на гостинскиот голман. Се што потоа следуваше е опишано во почетокот на текстот.

По поништениот гол за штипските „сини“ страстите како да спласнаа па преостанатите 7’ од продолжението во главно се одиграа како и целиот натпревар помеѓу двата шеснаесетника.

С. Ивановски

2

3

4

5

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари