Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски ги врачи наградите на авторите на идејно-архитектонските решенија за коритото на Кочанска Река, учесници на јавниот и анонимен конкурс што го распиша Општината.

„Стручното жири не додели прва награда, а за најдобро рангирано го прогласи решението на Мила Рориќ и Дејан Томски, кое е наградено со втора награда, во висина од 37.000,00 ден. Третата награда од 25.000,00 денари ја добија авторите Ана Иванова, Муса Неџибе, Егзона Зендели и Ивона Крстеска од „Терраплан Партнерс“ ДООЕЛ Гостивар – соопшти градоначалникот Димитровски.

„Целта на конкурсот беше да се изработи идејно-архитектонско решение за уредување на коритото на Кочанска Река коешто му дава посебна нота и карактер на градот, со елементи и барања дефинирани во проектната задача, во склад со актуелните урбанистички планови. Во конкурсот беше пропишано, речното корито низ централното градско подрачје, како дел од урбан склоп, покрај својата функционална улога, да ги задоволи и естетските квалитети на вклопување во постојниот амбиент“ рече архитектот Александар Гицов.

Според Мила Рориќ, нивното решение посебно внимание дава на изборот на местата за заезерување и  на деловите за угостителство, со посебен третман на три акцентирани локации. Ана Иванова, како една од авторките на третонаграденото решение истакна дека концептот што го нудат тие е живот на река, а неговата цел е зближување, обединување на луѓето и искористување на природните ресурси.

Врачувајќи им ги наградите, Општина Кочани се стекна со право наградените и откупени трудови да ги користи во целина или во делови, со можност тие да бидат прилагодени на ситуацијата на теренот односно на просторните и техничките можности и ограничувања.

2

3

4

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари