МЛАДИНСКИТЕ ЕКИПИ НА ГФК „ОСОГОВО“ ГИ ПОЧНАА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ПРВЕНСТВОТО ВО ВТОРАТА ЛИГА

Во Спорт
август 4, 2022
1 минути

Младинските екипи на ГФК „Осогово“ ја имаа првата прозивка и ги почнаа подготовките за претстојното првенство.

На тренерот Тоде Митев и на неговтe помошници Доминик Тенев и  Сашко Атанасов, на птвата прозивка се пријавија педесетина дечиња од сите возрасни категории. До почетокот на првенствените натпревари во единствената Втора лига, младите фудбалери ќе тренираат на стадионот, а подоцна и во затворен простор, односно во сала. Од клубот изразуваат задоволство што има масовен одѕив меѓу младите да тренираат, а тоа ќе значи дека „Осогово“ во иднина ќе може да смета на фудбалери од сопствената фудбалска школа.

„Предуслов за оваа голема бројност на дечиња кои ги гледаме овде, на првиот официјален тренинг за сите возрасни категории, е минатогодишниот успех во кој со две возрасни категории убедливо го освоивме првото место во лигата и поминавме во повисок ранг на натпреварување, односно во Втората лига. Сега ќе се натпреваруваме со четири возрасни категории, како што наложуваат правилата, а овој успех е повод секојдневно да ни пристигнуваат нови дечиња, од 6 па сè до 18 години. Значи, ние во наредното првенство ќе се натпреваруваме со посебни екипи од фудбалери родени во 2004, 2005, 2006 и 2007 година, а ќе имаме и од младите категории 2008/2009 и 2010/2011 година. Во тек се уписите, па ни доаѓаат и дечиња кои се родени 2012 и 2013, а имаше и две деца од 2014 година, што значи дека фудбалското семејство ни се зголемува“, истакна тренерот Тоде Митев.

Поддршка за работата на пионерските и младинските екипи на „Осогово“ доаѓа и од здружението на граѓани „Никола Мантов“, кое обезбедува донации за спортска опрема и за подобрување на условите на стадионот во Кочани.

„Условите се подобруваат, пред сè мислам на теренот, за наесен и за студените зимски денови имаме обезбедно сала за тренинг, во преговори сме за најмалата категорија фудбалери да обезбедиме термин во салата кај Гимназијата, а ќе ни биде потребен и алтернативен терен, па размислуваме за игралиштата во Горни Подлог или Оризари. Најбитно е што со поддршка од здружението „Никола Мантов“ се изгради фитнес сала во рамки на стадионот во Кочани и таа наскоро треба да биде опремена со реквизити.. Ќе ја користат и сениорскиот тим и сите останати возрасни категории на фудбалери“, додава Митев.

С. Ивановски