Се играше 82’ кога судијата Стојанче Стојанов досуди слободен удар за домаќините на десната страна од теренот дваесетина метри од голот на гостинскиот голман Јамаковски. Натков остро нафрли по земја, Аксентиев не успеа да ја зафати топката, на неа од втор план натрча нововлезениот Арсов и од шест метри ја упати во мрежата на гостите. И додека играчи и Стручниот штаб на „Осогово“ заедно со своите навивачи му се радуваа на водството денес несигурниот прв помошник Џонов измисли офсајд на што почнаа големи реакции од страна на домаќините и на неговите навивачи. Судијата Стојанов го поништи голот и играта продолжи. Има снимка која треба да ја погледаат и да пресудат оние на кои им е доверено контролирањето на судењето.

22

А до тој спорен момент и „Осогово“ и „Плачковица“ покажаа убава и борбена игра, во која стопостотните прилики за гол за жал можат да се избројат со прстите на едната рака.

Првите возбудувања беа во 20’ кога гостите нападнаа по левата страна, топката дојде до Асанов кој иако сам од косо биеше но голманот на „жетварите“ Лазаров беше на висина на задачата. Само пет минути подоцна гостите повторно се заканија, во празно беше проигран Глигоров и кога веќе излезе на празен простор кон домашниот гол, судијата Џонов непотребно го крена знаменцето што наиде на оправдана бурна реакција кај гостинската екипа. Во 29’ гостите изведоа корнер од десната страна, топката ги прелета сите и дојде до слободниот Глигоров кој од косо биеше под пречката но Лазаров го одбрани овој мошне итар удар. Домаќините во 35’ се заканија преку Паунов но неговиот силен удар заврши над голот на Јамаковски.

Сепак најголемото возбудување во првото полувреме беше во гостинскиот шеснаесетник. Во 40’ Тоше Манов откако убаво се ослободи од своите чувари биеше од работ на шеснаесетникот но топката се одби од пречката, натрча Аксентиев и од само 6-7 метри бише со глава, за жал покрај празниот гол.

Во второто полувреме ниту една голема шанса се до последната минута кога по слободниот удар на Аксентиев од триесетина метри Јамаковски со крајни напори ја исфрли топката во корнер.

Се другото ќе се заборави во овие 45 минути. Гостите почесто напаѓаа, нафрлаа во шеснаесетникот, шутираа од далечина но гранитната одбрана на „жетварите“ секогаш беше на место, а и кога топката ќе поминеше тука беше одличниот Лазаров кој ќе ја скротеше во своите раце.

Се на се добар и борбен фудбалски натпревар во кој за жал централното место повторно беше резервирано за еден од делителите на фудбалската правда.

11

Резултати од 16-тото коло

„Осогово“ – „Плачковица“  0:0

„Брегалница Голак“ – „Слога 1934“  4:3

„Овче Поле“ – „Каменица Саса“  0:1

„Карбинци“ – „Баби“  0:3

„Работник“ – „Беласица“  2:0

„Напредок Здравје“ – „Академија Пандев“  0:3

На табелата води „Академија Пандев“ со 44 бода, пред „Плачковица“ со 40, „Беласица“ 29, „Овче Поле“ 26, „Брегалница Голак“ и „Работник“ по 25, „Напредок Здравје“ 21, „Осогово“ 17, „Баби“ 16, „Слога 1934“ 13, „Каменица Саса“ 10, и „Карбинци“ 3 бода.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари