Не е никаква фарса, туку вистина пред која мора да молчат и оние на кои им е доверено водењето натпревари во Третата Фудбалска Лига – Исток.

Рак рана е судењето кое и по 16 одиграни кола никако да се поправи, напротив судиите кои се најдоа на листата (не сите) судат само затоа што некој има желба токму тие да судат, а колку ги познаваат фудбалските правила се реакциите на екипите, од кои за жал поголемиот дел се токму тие кои членуваат во ОФС Кочани.

Чашата која одамна е прелиена продолжи и во 16-тото коло кога дрва и камења се фрлаат по судиите, „Осогово“ е оштетено од помошниот судија Џонов од Штип поради поништен гол од наводен офсајд, а на веб страната на „Слога 1934“ виничани искажуваат незадоволство од арбитражата на Арсов од Кочани на натпреварот во Делчево. Но да е само проблемот во ова коло, ајде да заборавиме, за жал тој проблем трае од почетокот на првенството, а како стојат работите сигурно ќе потрае и до неговото завршување.

P3940164

Што направија лошо судиите во изминатите кола? Многу лоша арбитража и тоа секогаш речиси врз исти екипи. Но да почнеме со ред: Во 6-тото коло на натпреварот „Слога 1934“ – „Плачковица“ (судија од Штип) отворена арбитража против домаќините, епилог познат, инцидент по кој виничани се ригорозно казнети. 8-мо коло „Осогово“-„Беласица“ (судија од Штип) недосуден чист пенал за домаќините при 0:0, а измислен пенал за домаќините при резултат 0:2. Во истото коло натпревар „Слога 1934“-„Каменица Саса“ (судија од Кочани) одигран во Пробиштип на кој виничани отворено истапија дека се оштетени. 10-то коло „Баби“ -„Каменица Саса“ (судија од Струмица) оштетена екипата од Македонска Каменица. 11-то коло „Академија Пандев“ – „Плачковица“ (судија од Штип) оштетени радовишани, домаќините во последната минута израмнуваат со гол од офсајд. Во истото коло „Каменица Саса“ – „Брегалница Голак“ (судија од Кочани) домаќините незадоволни од арбитражата. 12-то коло „Беласица“ – „Каменица Саса“ (судија од Штип) недосуден чист пенал за гостите при 0:0 и не доделен црвен картон и за домашниот голман. И веќе настаните опишани на почетокот од 16-тото коло.

Самите натпревари покажуваат кои екипи се оштетени и каде членуваат, со исклучок на „Плачковица“ и за жал секогаш фигурираат судии од Штип и Кочани.

P3880484

Според досегашното, проблемот не е во ништо друго освен со желбата и понатака исти луѓе да менаџираат со лигата, а според ова што досега се случува, мора некоја екипа од овие (Осогово, Каменица Саса, Слога 1934) да испадне за да се спаси екипа која е послаба со квалитет се со цел задржување на седиштето на Третата Фудбалска Лига – Исток во Штип.

Така беше досега, а така ќе биде според нечии математики и претпоставките и до крајот на првенството. Веќе оваа бројка на нерегуларно и тенденциозно судење се очекува да се зголеми во наредното 17-то коло на натпреварот “Баби“ – „Осогово“.

Дека нешто не е како што треба и дека работите не одат според правилата на фудбалската игра, туку според нечии желби покажа неодамнешниот прекин на последната седница на УО на Третата Фудбалска Лига – Исток кога ОФС Кочани, ОФС Свети Николе и ОФС Пробиштип сакаа да се направи ревизија на сите комисии, органи и тела на Третата Фудбалска Лига – Исток.

Седницата беше прекината а кога и дали некогаш истата ќе се одржи го знаат оние кои истата треба да ја закажат.

С. Ивановски

P3630164

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари