Девојчињата на ЖФК „Иднина С“ од оризари под водството на тренерот на голманите Јоже Јовановски ги започнаа подготовките за новата фудбалска сезона. „Работиме двапати дневно, претпладне на физичка издржливост а попладне работиме со топка. Иако првите тренинзи се доста напорни по направената пауза, сепак девојчињата во една доста релаксирана атмосфера ги извршуваат поставените задачи. Во ваков ритам ќе работиме до почетокот на првенството, а ако во меѓувреме успееме да договориме некој контролен натпревар тоа ќе биде од голема полза екипата“ вакви се размислувањата на Јоже Јовановски за самите подготовки. Инаку „оризарки“ во новото првенство ќе настапат со сосема нов состав од оној што минатата година го заврши првенството. Бојана Стојанова, Симона Веселинова, Ангела Мирчевска, Кристина Лазарова, Ана Димитровска и Марина Митревска се повратници во екипата, а како нови засилувања се Сара Стојчевска и Александра Милановска и двете од „Победа“ (Куманово) Маја Ѓурова од „Драгон 2014“ (Скопје) и Емилија Миленкова (ЖФК „Кочани“). „Во екипата ни се вратија неколку наши играчи кои во минатата сезона не настапуваа за клубот а и со трите нови засилувања во доста изменет состав ќе го започнеме новото првенство. Оваа година искуството е на наша страна и мислам дека со добри подготовки ова првенство ќе го завршиме во горниот дел од табелата“ е изјавата на Љупчо Ѓорѓиевски секретар на ЖФК „Иднина С“ од оризари. С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари