Парадоксот кој во образовниот систем во Општина Кочани се случува во последните години е за една сеопфатна анализа.

Имено во тек е запишувањето на учениците во прво одделение за идната учебна година. Дознаваме дека бројот на запишување на ученици во прво одделение не е ниту од далеку приближен на предвидениот. Така е сега, така беше и минатата година, а така беше и неколку години пред тоа.

И додека запишувањето на ученици во првото одделение рапидно се намалува, чудно но вистинито, од година во година расте бројот на вработени во образовниот систем.

Минималниот број на ученици во едно одделение треба да изнесува 24, а кај нас речиси во сите основни училишта таа бројка е далеку под минимумот. Се случува да има одделение и со 12-14 ученика во една паралелка.

Ако намалувањето на бројот на ученици е очекуван поради масовното иселување на младите брачни парови од државата, тогаш зошто расте бројот на нови вработувања е прашањето на кое треба да дадат одговор оние на кои им е доверено да го водат образованието во општината. Токму трендот на непотребно вработување допринесе во изминатата година сите училишта а преку нив и Локалната Самоуправа се соочат со загуби.

Според Извештаите што училиштата ги поднесоа на почетокот на годината до Советот на Општина Кочани излегува дека просечно во секое од 5-тте основни училишта има по 4 наставника вишок. Ако еден наставника месечно во просек заработува Бруто плата од 30.000,00 денари или годишно 360.000,00 денари тогаш математичарите лесно ќе пресметаат колкави се задолжувањата во образовниот систем поради водењето на лошата политика во општината.

Нели е време некој да стави крај на ваквото анархично однесување бидејќи лесно може по некоја година да ни се случи на едно дете да има два наставника.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари