Со цел да се обезбеди плата и други бенефиции за енормно големиот број на вработени во Локалната Самоуправа Градоначалникот на Општина Кочани се спрема преку советниците од власта да издејствува нови давачки кои ќе ги плаќаат жителите на Општина Кочани.

Дознаваме дека околу шеесет корисници на трафики и бараки ќе почнат да плаќаат по 10,00 денари дневно за м² на што кога ќе се додаде користењето и на просторот околу објектот и не излегува мала вкупната сума на месечно ниво.

Освен од користењето на трафики и бараки, граѓаните ќе плаќаат паркирање и на сите улици наведени во член 4 од првобитната одлука за користење на јавен простор – паркирање. Овој предлог како што се очекува, многу лесно ќе помине кај советниците од власта кои освен нивниот паушал од 200 Евра на месечно ниво, воопшто не ги интересира што додатни давачки ќе плаќа народот.

До кога ова бркање по џебовите на народот ќе трае никој не може да го даде конкретниот одговор, но за каков народ, такви даноци.

Најпрвин станарите кои со купувањето на становите го купија и дворното место околу зградите  ништо не презедоа кога Локалната самоуправа почна да го наплаќа просторот од кафулињата како користење на јавна прометна површина. Кратко траеше и револтот кога започна наплатата за паркирање на улиците, а и сега со наплатата на дневна такса за користење на трафики и бараки повторно никој ништо нема да преземе, туку се ќе си остане на зборување, односно шепотење помеѓу себе.

Лекот да се обезбедат средства за вработените во Локалната самоуправа е многу поедноставен отколку да му се брка по џебовите на народот. Или да се остави по еден вработен од семејството (а не како сега по двајца-тројца да земаат плата) или да се намалат нето платите барем на раководителите кои се вртат околу 40.000,00 ден месечно.

Лекови има колку сакаш само народот е тој што не знае да си го одбрани своето, туку секогаш оди со наведната глава, бидејќи нели „Главата што не се исправува, не се сече“ или пак се дел од приказната за „Кубурата“.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари