Започнувајќи од 01 Јули па се до 31 Јули оние оризопроизводители што ќе ја предадат оризовата арпа на откупувачите, со кантарската белешка ќе се пријават во Подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за да од државата добијат субвенции по килограм арпа.

Оние што имаат до 2 хектари за предадената оризова арпа ќе добиваат по 5,00 денари по килограм субвенции. Другите кои имаат од 2 – 10 хектари ќе добиваат по 4,00 денари а останатите со повеќе од 10 хектари по 3,00 денари. Вака им соопшти на оризопроизводителите Заменик Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија Ванчо Костадиновски на неодамнешната средба во општината Чешиново-Облешево.

Ваквата негова изјава веднаш предизвика бура од сомнежи кај оние земјоделци кои досега веќе ја имаат предадено оризовата арпа. Тие реагираат дека Владата им ветила откуп по 25,00 денари арпа и 50,00 денари бел ориз што ниту од далеку не беше испочитувано од страна на откупувачите а Владата сето тоа немо го посматраше.

Сега тие повторно се сомневаат, бидејќи како што изјавија прво не се сигурни дали ќе има откупувач на арпата и второ со право се прашуваат, дали во предизборието треба да се згрижат земјоделците кои ѝ се лојални на власта.

По изјавата на Костадиновски меѓу земјоделците врие, што, како и кој е сега на потег?

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари