Уште не се избледени сеќавањата кога на 02.08.1980 година Димитар Цеков – Ѕекара, Симеон Тодоров – Моцо и Никола христов – Мице се искачија на највисокиот врв во Европа „Мон Блан“ како и неколкуте искачувања на Виктор Симовски на истиот врв, кога деновиве пристигна нова радосна вест, двајца Кочански планинари како членови на групата од 17 планинари на 30.Јуни се искачија на кровот на Европа.

Нашите нови кочански херои се Борис Поп Горгиев и Лоранс Марков членови на ПСД „Москито“ од Кочани.

55

Организатор на ова искачување на „Мон Блан“ било Планинарското Друштво „Предејане“ (Република Србија) на чело со познатиот Српски водич Зоран Павловиќ – Пача. Експедицијата броеше 17 планинари меѓу кои се најдоа и четворица од Македонија, двајца од Велес и двајца од Кочани, Борис Поп Горгиев и Лоранс Марков.

„Од Предејане со две возила тргнавме кон остварувањето на нашата мисија. Првото наше пребивалиште беше селото Шамполук (Италија) кое се наоѓа на масивот „Монте Роса“ на Алпите. Како загревање пред конечното искачување ни беше да ги освоиме двата врва на Алпите, „Кастор“ (4,228 метри) и „Полукс“ (4.091 метар). На Кастор се искачивме сите 17 планинари а во продолжение кон другиот врв „Полукс“ кој е втор алпинистички врв со ферата (обезбеден со сајла), стигнавме само петмина меѓу кои и јас“ ја почна својата приказна нашиот сограѓанин Борис Поп Горгиев.

12

Борис сеуште возбуден од она што го направија, продолжи „Следна наша дестинација беше селото Лев Басонс кое е во близина на Шамони од каде пак се упативме до гратчето Ла Фајет. Со запчест воз од Ла Фајет заминавме до „Орлово гнездо“ (2.372 метри) од каде пак истиот ден продолживме до првиот планинарски дом „Тетрус“ (3.176 метри) каде убаво се одморивме. Утредента (Среда) преку „Кулоарот на смртта“ стигнавме во планинарскиот дом Де Гуте (3.817 метри). Во четвртокот (30.06.2016 година) временската прогноза не беше охрабрувачка па иако станавме во 03:00 часот решивме да го одложиме качувањето. По неколку часа временските прилики значително се подобрија и во 07:00 часот почнавме да се подготвуваме за да во 08:00 часот го започнеме она за што бевме дојдени, а тоа е искачувањето на „Мон Блан“. Искачувањето беше напорно, па моравме да направиме мала пауза во засолништето Валот (4.313 метри) од каде продолживме. Врвот убаво се гледаше но наидовме на една голема препрека. Имено минатата година под самиот врв се појавила голема пукнатина која го отежнуваше качувањето и која бараше со осигурување вертикално да се поминат 6 метри височина. Сепак во 16:30 часот успеавме да се качиме на кровот на Европа. Задоволството беше големо но како временските услови не беа поволни се задржавме 15 до 20 минути по што тргнавме во обратна насока. Во 22:00 часот веќе бевме во Де Гуте“.

14

Од 17 членови на експедицијата 16 го освоиле „Мон Блан“ а меѓу нив и четворицата Македонски планинари, двајцата од Велес и Борис Поп Горгиев и Лоранс Марков од Кочани.

Со новиот подвиг на двајцата наши сограѓани лепезата на освојувачи на највисокиот врв во Европа стана уште поголема.

По завршување на разговорот Борис ни спомна дека секој викенд се искачува на по некој врв бидејќи тоа го исполнува. Планинарската опрема за која има потрошено околу 1.200 Евра со самото патување кое го чинело околу 600 Евра е речиси занемарливо од задоволство да се најдеш таму горе, највисоко од сите височини во Европа.

Средствата како што истакна сам си ги има обезбедено, а единствено во дел од опремата за искачувањето на „Мон Блан“ му помогнал менаџерот на „Европа’92“ Влатко Димитровски кон кого упати голема благодарност.

С. Ивановски

16

15

13

17

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари