Изминатиот месец се навршија точно 20 години откако Кошаркарскиот Клуб „Деликатес“ со златни букви се запиша во историјата на Македонија и на спортско Кочани. Сега веќе далечната 1995 година, кошаркарите на „Деликатес“ со една импресивна игра во големото финале од кошаркарскиот Куп на Република Македонија го совладаа „МЗТ Аеродром“ со резултат 64:61 и големиот пехар се најде во рацете на капитенот Сашо Лазаров. Књазев Ѓорѓи, Арсов, Нешовиќ, Инграм, Заревски, Димитријевиќ, Даниловски, Грант, Бујуклиев, Кнежевиќ и Лазаров, предводени од тренерот Александар Књазев и неговите помошници Ѓорѓи Ситновски и Љупчо Стојановски се имињата кои ќе останат запаметени дека ја донеле оваа голема радост на градот, а „Деликатес“ е првиот клуб од Кочани кој успеал во машка сениорска конкуренција да се искачил на највисокото место на пиедесталот во едно Куп натпреварување во самостојна Македонија. Спомените остануваат да не потсетуваат на едни убави времиња кога КК „Деликатес“ жареше и палеше во Македонската кошарка, кога големите „Годел Работнички“ и „МЗТ“ ги испраќаа од „градот на оризот“ со негатива од повеќе од 20 поени разлика и кога „Спортската сала“ секогаш беше преполна на два часа пред почетокот на натпреварите. Од историјата не се живее, но сеќавањата на ваквите убави мигови, благодарение на сопственикот на „Деликатес“ Ванчо Горгиев не прават горди и среќни што сме биле дел од тие убави спортски времиња на Кочани. С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари