По се изгледа се е залудно во нашата општина што ќе се напише. Многу често пишуваме за сообраќајниот хаос што владее во градот, особено во време на пазарен ден, но никој до ден денес не стави „рака“ тоа да го измени, ако ништо друго барем да им ја скрати нервозата на учесниците во сообраќајот.

И врапчињата знаат дека во Кочани има огромен број на диви таксисти кои особено се активни во четврток, кога е пазарен ден, но никој ниту ги сопира, ниту ги проверува, едноставно надлежните се вртат на другата страна кога тие поминуваат во нивна непосредна близина.

И врапчињата не само што знаат туку и гледаат серија на непрописни паркирања, било на која страна од улицата а понекогаш и на самата улица, но никој барем досега не ни испратил известување дека виделе како некого казнуваат или му пишуваат пријава.

Е таков беше денешниот пазарен ден во градот.

Да ги оставиме дивите таксисти кои од пред уста им го земаат лебот на оние кои ги регулираат сите обврски спрема државата бидејќи тие со посебен закон се заштитени во државата. Да подебатираме малку за непрописните паркирања.

Денес на улицата „Раде Кратовче“ возила чекаа и половина час во едно место на топлото сонце за да се смилува некој и ја ослободи улицата. Колоната беше долга, но оној кој го блокираше сообраќајот иако упорно му свиреа другите учесници во сообраќајот него „мува не го лазеше“. Ајде да ја оставиме улицата „Раде Кратовче“ бидејќи со години на неа за време на пазарен ден никој не направил ред бидејќи не се ни обидел, туку денес беше интересна улицата „Кеј на Револуцијата“. И овде имаше застој во сообраќајот бидејќи автобус од градскиот превоз застануваше на секои десетина метри и качуваше патници кои пополека си влегуваа, пополека ја плаќаа картата, а сето тоа создаваше вистинска нервоза кај оние кои на секои десет метри  кочеа со своите возила.

Од името на голем број граѓани а посебно од името на чесните учесници во сообраќајот сакаме да упатиме на нивно барање еден апел до надлежните, како знаат и умеат еднаш веќе да стават ред на ова лудило што се случува особено за време на пазарен ден по пеколните горештини.

С. Ивановски

3

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари